Совет на аеродроми на Европа: Помалите европски аеродроми во ризик поради кризата со гориво
Помалите европски аеродроми би можеле да се соочат со сериозни проблеми за опстанок доколку недостигот на авионско гориво, предизвикан од кризата на Блискиот Исток, доведе до масовно откажување на авионските линии, предупреди денеска здружението Совет на аеродроми на Европа (ACI Europe).
Иако авиокомпаниите наведуваат дека моментално нема проблеми со снабдувањето во вообичаениот период од четири до шест недели, војната на САД и Израел против Иран и ефективното затворање на Ормуската Теснина доведоа до удвојување на цената на авионското гориво, што веќе наведе одредени превозници да откажуваат летови.
Советот на аеродроми на Европа соопшти дека регионалните аеродроми се најизложени и оти се соочуваат со „егзистенцијална закана“ доколку авиокомпаниите ги намалат капацитетите и ги зголемат цените на билетите, бидејќи побарувачката на тие линии е почувствителна на цената.
Генералниот директор на организацијата, Оливие Жанкове, изјави дека помалите аеродроми сè уште не закрепнале од последиците на пандемијата на Ковид-19, бидејќи сообраќајот и понатаму е околу 30 отсто под нивото од 2019 година, додека поголемите аеродроми веќе забележаа закрепнување и раст.
– Актуелното ниво на цените на горивото и можноста за нова криза на трошоците за живот значат дека многу регионални аеродроми ширум Европа ќе бидат соочени и со проблемот на понудата и со побарувачката. За нив ова е ништо помалку од егзистенцијална закана – рече Жанкове.
Здружението предупреди и дека ситуацијата би можела дополнително да ја влоши целосната примена на системот за влез и излез во Европската Унија (EES), кој предвидува задолжително давање биометриски податоци за државјаните на трети земји, со повикување системот привремено да се суспендира доколку дојде до големи метежи.
Истовремено, шефот на глобалната авио-асоцијација IATA, Вили Волш, оцени дека кризата засега не влијае на побарувачката за летови, но предупреди дека евентуалниот недостиг на гориво прво би ја погодил Азија, а потоа Европа, и оти рационализацијата би можела да доведе до откажување на одредени летови.






