Советот на јавни обвинители ќе ги проверува контактите Мицкоски–Савески по изјавата на премиерот за случајот „ТЕЦ Неготино“
Советот на јавни обвинители ќе побара официјално објаснување од државниот јавен обвинител Ненад Савески, откако премиерот Христијан Мицкоски јавно призна дека разговарал со него за конкретен предмет. Станува збор за истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ „Неготино“, која претходно беше запрена од страна на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Претседателот на Советот, Башким Бесими za 360 изјави дека за овој контакт дознале од медиумите и дека внимателно ја следат ситуацијата. Тој најави разговор со Савески пред да се одлучи дали ќе биде свикана вонредна седница.
Советот нема ингеренции директно да се меша во конкретни предмети, но има обврска да ги следи евентуалните влијанија врз обвинителите.
Неопходно е да се сослуша државниот обвинител за да се разјаснат околностите на разговорот.
Досега нема официјален одговор од Државното јавно обвинителство за природата на телефонскиот разговор меѓу премиерот и Савески.
Од Државното јавно обвинителство досега нема одговор на новинарските прашања за потврда дека обвинителот Ненад Савески телефонски разговарал со премиерот и како го толкува тој разговор.
Мицкоски денеска рече дека во врска со одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) вчера разговарал со државниот јавен обвинител Ненад Савески, од кого бил информиран дека не знаел за оваа одлука на ОЈО ГОКК што го води Ислам Абази.
Инаку, Мицкоски по изборот на Савески за државен јавен обвинител рече дека очекувањата од него се големи во смисла дека имаат чувство, а донекаде и информации оти голем дел од предметите или претставките кои дел од институциите ги имаат доставено до канцеларијата на државниот јавен обвинител стојат во фиока или се дното на приоритетите.






