Спасовски- во Вевчани некој од политички причини сакаше инцидент и сензација

Ништо спектакуларно не се случи во Вевчани. Некој од политички причини сакаше да предизвика инцидент и сензација во јавноста, ништо повеќе од тоа, вели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во интервју на МТВ коментирајќи ја полициската интервенција на Вевчанскиот карневал.

„Разговаравме ние и со одделот за превенција кај нас да не се организира масовно присуство, тие наши заложби и договори не беа испочитувани, но како и да е, таму се случи една состојба во којашто од политички причини некој сакаше да предизвика инцидент или да биде сензација во јавноста. Ништо повеќе од тоа“,вели Спасовски.

Министерот вели дека МВР постапува секаде со цел да се контролира спроведувањето на мерките за заштита од ковид-19.

„Мојот став и ставот на МВР е јасен – мораме да постапуваме секаде каде што за тоа има потреба, посебно во услови на оваа пандемија. Постојано сме ангажирани и работиме со цел да имаме надзор и контрола на спроведувањето на мерките. Никој не посакува рестриктивни мерки, но тоа е неминовно во вакви услови со цел да го спречиме ширење на вирусот. Сега сме пред многу важен момент кога стартува имунизација во светот и кај нас и мораме до крај да ги испочитуваме мерките и да ги заштитиме граѓаните. Апелирам да ги почитуваме мерките тоа е за наше добро. На тој начин ќе помогнеме на здравствениот систем и ќе им се заблагодариме на нашите здравствени работници. Јануари е месец на многу празници и затоа постојано апелираме да го спречиме групирањето и да го прекинеме ланецот на ширење на вирусот“,вели Спасовски.

Back to top button
Close