Спомени од екскурзија

Видот/жанрот на фотографија произлезен, „врзан“ за „статичните слики“ од нашите лични или семјени екскурзии, во сериозните класификации за фотографијата – не постои, односно (потенцијалниот) израз „екскурзиска фотографија“ е моја измислица. Но, тоа беше релативно најблаг израз, зашто нештата сепак мора да се класифицираат за да бидат функционални, но и разбирливи, барем за познавачите на нештата, па и за пошироката јавност. Уште Хана Арент во брилијантниот предговор на „Илуминации“ од Бенјамин беше рекла: „Ниту едно општество не може соодветно да функционира без класификација, без подредување на нештата и луѓето во класи и пропишани типови“! Следствено, ако таква фотографија од насловот не постои, зошто јас ја измислувам? Па затоа што наведената изложба не можете да ја сместите никаде во познатите (позитивни) класификации на фотографијата, ама сепак – кај нас – ја гледате во најпрестижната уметничка институција во државава. Зошто?

Тоа, имено, е првото прашање што се наметнува при дури и беглото соочување со оваа изложба. Зарем во градов, па и во државава, немало друга институција која се занимава со аматерска, туристичко-екскурзиска, (условно) импресионистичка… фотографија туку баш во Музејот на современата уметност? Но, ако знаете дека и двете претходни изложби на Манчевски беа вдомени баш таму, а беа целосно на истото рамниште како и оваа, тогаш започнуваат да ви недостасуваат зборови како објаснение на оваа несекојденвна појава. Зашто, да беше „изложбава“ организирана во „КО-РА“, во некое од бројните кафулиња низ градот, евентуално во Културно-информативниот центар на Скопје, многу нешта ќе беа поинакви и поразбирливи. И повторно – зошто? Затоа што во Музејот на современата уметност ретко кога, ако воопшто, сме виделе изложба на некој од бројните реномирани македонски мајстори на фотоуметноста, луѓе кои целиот живот се бавеле со фотографијата, со компетентни верификувани – кај нас но и во странство – резултати во оваа уметност. Оттука, вака, изгледа дека е важно името но не и квалитетот, врските но не и резултатот. Така впрочем беше и со првите две „изложби“!

Почнав со класификацијата на фотографијата, но не случајно зашто уште Барт луцидно се бавел со неа класифицирајќи ја на: емпириска (професионалци и аматери), реторичка (пејзажи, предмети, портрети, актови) или естетска (реализам, пикториализам) итн., (Barthes 1981 : 4). А овде не знаете што да класифицирате, па морате да измислувате. Зашто, што инаку значат оние миговни улични „импресии“ од градовите низ кои rubbernecking се движел Манчевски, па како разбигрижа го имал фотографскиот апарат да му прави друштво? Тие фотографии, имено, можеби се валидни за во домашен албум, како потсетник за патувањата, за некои само нему релевантни сеќавања/спомени, но што и зошто нешто би ни значеле нам? Зборот ми е дека е тоа толку анахрона и во суштина безизразна фотографија што просто ве запрепастува со нејзината неинтересност, бегла илустрација на некој момент,  улична импресија (без експресија!) и во суштина здодевна фотографија со некаков архаичен фотожурналистички пристап релевантен во фотографскиот исказ пред стотина и повеќе години. Во нив го нема дури ни оној познат „decisive moment“ на MAGNUM-овци и Картие-Бресон, нема есенција на можната „приказна“, нема дури ни приказна, има некаква спонтаност но тоа е апсолутно недоволно за некакво сериозно инволвирање на гледачот. Зашто, повеќето теоретичари се согласуваат дека значењето што ние им го даваме на сликите (фотографиите) е примарно и поврзано (и) со културните аспекти односно со специфичните културни асоцијации. Но ние дури не можеме да допреме ни до примарната интенција на овие фотографии – онаа којашто (наводно) им ја дал тој што ги создал. Токму затоа веќе спомнатиот Барт во „Реторика на сликата“ вели дека „гледачот на сликата едновремено прима перцептивна порака и културна порака“ (Barthes, 1964/1977: 36). Што примаме ние? Безмалу ништо или, можеби, испразнета или конфузна порака, некаков немушт фотографски „јазик“, затворени канали на трансмисија… Гледачот, се разбира, е допрен – не може да не биде, впрочем – од денотативните значења на фотографиите, ама тоа е рамништето (ако тоа е воопшто некакво рамниште) кадешто оваа фотографија застанува.

За жал, никаква помош во барем некаква сериозна, стручна експликација не добивате ни од „кураторот“ на изложбата (Бојана Шемова) која вели дека во тие фотрографии „има некоја дефинираност којашто не е дефинирана“ (sic!), односно дека „боите и композициите, се’ е во служба на доловувањето на емоцијата којашто Милчо ја гледа на улиците низ целиот свет“!?! И – што?

За жал, и оваа „изложба“ е уште еден показ на нашиот институционален и професионален однос кон фотографијата и фотоуметноста, па и кон културата, ако баш сакате! Зашто, ова не само што е далеку, предалеку од каква и да е современа фотографија, туку е токму нејзин антипод. И на најбезначајните „клубски“ изложби низ државава, да не говорам за оние подобрите, или меѓународните, ќе видите поголема фотографска писменост, поголемо знаење, изграден современ концепт или барем солидно компонирани фотографии. Поточно: современата македонска фотографија има што да понуди, но ова апсолутно не е тоа!

Advertisements

Back to top button
Close