Унгарија: Со голема брзина се демонтира системот на Орбан
Кено Верзек
Брза демонтажа на системот на Виктор Орбан од страна на новата унгарска влада на чело со Петер Маѓар. Борба против корупцијата, реформа на медиумите и заштита на демократијата

Новиот унгарски премиер, Петер Маѓар, и владата на неговата партија Тиса (Почит и слобода) со брзо темпо ја трансформираат земјата. Во надворешната политика, Маѓар уште во првите недели од преземањето на власта го демонстрираше ветеното враќање на земјата во европскиот колосек. Тој ги укина блокадите на ЕУ и започна дијалог со Украина, која неговиот претходник Виктор Орбан ја нарекуваше „империја на злото“. На внатрешно-политички план, парламентот во Будимпешта донесе мерки како намалување на платите на пратениците и министрите и го ограничи мандатот на премиерот на максимум два последователни мандати – потези со длабока анти-орбанска симболика. Сега Маѓар се впушта во справување со самата суштина на режимот на Орбан, кој всушност планирал за децении однапред, па така за случај на паѓање од власта, поставил службениците кои тешко може да бидат избркани и кои требало да ја саботираат работата на новите влади. Огромно богатство од милијарди долари тргнато на страна требало да се користи за финансирање на Орбановата мрежа. Благодарение на убедливо двотретинско мнозинство во парламентот, владата на Тиса сега може да ги демонтира овие структури. Во обраќањето пред парламентот во понеделникот (22 јуни 2026 година), новиот премиер го опиша стилот на владеење на Орбан како „мафијашки систем“ и вети дека радикално ќе го елиминира – поточно преку „Операција чистилиште“, назив кој веројатно ја отсликува склоноста на Маѓар кон религиозна и историска симболика.
Опширни истраги треба да покажат како семејството, пријателите, олигарсите и високите членови на партијата на Орбан се збогатувале – и да помогнат за поврат на нелегално стекнатото богатство. Државата, судството и медиумите треба да бидат реформирани на начин ќе биде невозможно враќање на политичка контрола врз јавната сфера и државните институции. „Орбан сакал да ги врзе рацете на следните десет влади, а сега новата унгарска влада го демонтира тој план“, коментира новинскиот портал 444 во врска со плановите.
Усвоен првиот законски пакет
Уште во вторникот (23 јуни 2026 година), парламентот го усвои првиот голем законски пакет „Операција чистилиште“, кој се фокусира првенствено на антикорупциски мерки важни за на Унгарија да ѝ бидат исплатени замрзнатите средства од ЕУ во вкупен износ од околу 17 милијарди евра. Рокот за значителен дел од оваа сума – околу 10,4 милијарди евра – истекува во август. Една од клучните мерки е укинување на „фондовите за управување со јавен имот од јавен интерес“, зад што се кријат приватни фондации кои поседуваат и управуваат со универзитети, културни институции и историски споменици.
Симбол на клептократијата
Тие беа основани во време на Орбан со цел огромни јавни средства да се трансферираат на приватни конта – симбол на клептократијата на Орбан. Се работи за вкупно пет до девет милијарди евра одлеани на тој начин.
Истовремено некои од овие фондации служеле за да им се наметне нова административна структура на повеќето унгарски универзитети, во кои работел персонал лојален на Орбан. На тој начин била фактички укината автономијата на засегнатите универзитети. Најпознат пример е Колегиумот Матијас Корвинус, примарен за обука на кадри и пропаганда за партијата Фидес на Орбан. Во 2020 година на иницијатива на владата на Орбан на Колегиумот му беа доделени десет проценти удели и во државната нафтена компанија МОЛ и во фармацевтската фирма Рихтер Гедеон – средства со проценета вредност од околу 1,3 милијарди евра.
Поголема транспарентност во јавните набавки
Парламентот покрај тоа ги прошири овластувањата на т.н. Служба за интегритет и ги заостри правилата во врска со имотните листови на политичарите и функционерите, како и барањата за транспарентност и отчетност при јавните набавки, кои за Орбан беа најважен механизам за корупција и самобогатење. На пример, од нив профитираа компании во сопственост на Лоринц Месарош – пријател од детството на Орбан и поранешен монтер за грејни тела и гас во родното село на поранешниот премиер. Месарош во време на Орбан доживеа подем и стана милијардер и најбогат човек во Унгарија. Неговиот прекар: „Паричникот на Орбан“.
Реформа на медиумите
Во вторникот Парламентот спроведе и друго ветување од предизборната кампања на Маѓар, имено реструктуирање на медиумите од јавниот сервис и значителни ограничувања на политичките кампањи со говор на омраза преку билборди и спотови, какви што беа вообичаени под Орбан. За време на 16-годишното владеење на Орбан, јавниот радиодифузен сервис во Унгарија функционираше само како средство за пропаганда и лажни вести и покрај законскиот мандат за балансирано известување, не можеше речиси никогаш да се чуе нешто различно од Фидес. Холдинг компаниите на јавниот сервис сега се укинуваат и се заменуваат со нови тела во кои свои претставници може да испратат и новинарските здруженија покрај политичките партии.
„Се слушаат лисиците“
Неделава беа покренати и други важни законодавни проекти и уставна реформа. Повеќето независни унгарски аналитичари притоа го сметаат планираното основање на „Канцеларијата за враќање и заштита на националните средства“ како најзначајна од сите мерки. Притоа се работи за централно предизборно ветување од Маѓар, имено да се вратат милијардите кои на нетранспарентен и често нелегален начин ги натрупале поединци блиски до Орбан за време на неговиот мандат и да се изведат одговорните пред лицето на правдата. Политикологот Габор Терек го опиша планираното формирање на Канцеларијата за новинскиот портал 24.ху како „најважната политичка мерка“ на новата унгарска влада и истакнува дека тоа ја задоволува желбата на јавноста да чуе „лисици“ – нешто што ниту една влада до сега не го покажала од транзицијата во 1989-90 година.
„Трилемата“ на Маѓар
Закажана е јавна дебата во врска со законот за основање на Канцеларијата – пракса што не постоеше во време на „нелибералната демократија“ на Орбан. Истото важи и за планираните уставни измени, вклучително и симнувањето од власт на претседателот Тамаш Суљок, кого Петер Маѓар го опишува како „марионета на режимот на Орбан“ и ограничувањето на пратениците да служат максимум три парламентарни мандати. Втората мерка во Унгарија наидува на критики. Експертот за надворешна политика Жужана Селењи, која во 90-тите уште била соработник на Орбан во тогашната либерална партија Фидес, на порталот Социјална Европа пишува дека унгарската влада сега мора да навигира низ „пост-илиберална трилема“, односно брзо отстранување на штетата предизвикана од нелибералното владеење, спречување на повторен подем на популизмот и строго почитување на уставните норми. Според Селењи, клучот за ре-демократизирање на Унгарија сега лежи во постигнување „рамнотежа меѓу брзината, ефикасноста и владеењето на правото.(dw)






