Србија од утре влегува во СЕПА шемата на единствената област за плаќања во евра


Од утре во Србија ќе бидат овозможени плаќања во рамките на шемата СЕПА (SEPA – Single Euro Payments Area) со што ќе се намали сегашната провизија за парични трансакции кон и од Европската Унија.

Членството во СЕПА им овозможува и на испраќачот и на примачот на пари да имаат пониски трошоци и побрзо извршување на трансакциите.

Пристапувањето на Србија во СЕПА зоната ќе овозможи парите да се префрлаат во рок од еден работен ден, наместо неколку дена што често беа потребни поради учеството на неколку посреднички банки во извршување на трансакција.

За компаниите во Србија, ова ќе значи полесно плаќање кон добавувачите и побрзо примање пари од клиентите од СЕПА зоната, што ќе придонесе за намалување на трошоците за работење, а за граѓаните ќе значи побрзо и поповолно испраќање и примање пари, вклучително и дознаки од странство.

Висината на надоместоците за трансакциите ќе ја одредува секоја банка поединечно.

Народната банка на Србија претходно соопшти дека ниту граѓаните ниту економијата нема да имаат дополнителни обврски, ниту ќе биде потребно посебно приспособување.

СЕПА системот ќе овозможи безготовинските плаќања во евра под надлежност на централната банка да се вршат под поволни и стандардизирани услови во сите земји-членки на таа платежна зона, која вклучува вкупно 41 земја. Меѓу нив се сите 27 членки на ЕУ, Исланд, Норвешка и Лихтенштајн, потоа Швајцарија, Велика Британија, како и Андора, Монако, Сан Марино, Ватикан, Албанија, Црна Гора, Молдавија и Северна Македонија.

Back to top button
Close