Србија против насилството“ со писмо до ЕУ-институциите: Не признавајте ги изборите во Србија, покренете меѓународна истрага

Српската опозициска изборна листа „Србија против насилството“ (СПН), денеска испрати писмо до европските институции во кое ги повикуваат да не ги признаваат резултатите од парламентарните, покраинските, а особено од локалните избори во Србија, додека не заврши целосната меѓународна истрага за изборните нерегуларности.

Во писмото, како што јавува Н1, се наведува дека „Србија против насилството“ не ги прифаќа и нема да ги прифати резултатите од изборите одржани на 17 декември 2023 година.

Од претставниците на европските институции се бара да започнат „целосна меѓународна истрага за изборните нерегуларности под покровителство на ОБСЕ, Советот на Европа и Европската комисија, со посебен акцент на изборите за градското собрание на Белград“.

Крајниот рок за поднесување на независниот извештај треба да биде 15 февруари, велат од СПН.

Се бара и основање на Меѓународен комитет за верификација под покровителство на Европскиот парламент, со учество на сите четири главни политички групи (ЕПП, СД, РЕ и Зелените/ЕФА) и четирите водечки изборни листи во Србија (СНС, СПН, СПС и НАДА) на паритетна основа, 4+4 членови, со независен претседавач, која ќе го следи и верификува спроведувањето на секоја препорака од меѓународната истрага, како и на ОБСЕ/ОДИХР и домашните набљудувачки мисии (ЦРТА) и ќе утврди дека се исполнети условите за нови избори.

Комисијата треба да го провери спроведувањето на сите препораки три месеци пред датумот на изборите, а новите избори за градското собрание на Белград мора да се поклопат со претстојните редовни локални избори, наведува „Србија против насилството“.

Писмото е упатено до претседателите на Европскиот парламент, Европскиот совет, Европската комисија, членовите на ЕП, претседателите на комисиите за надворешни работи на парламентите на земјите членки на ЕУ, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, колеџот на комесари и претставници на земјите членки.Писмото го потпишаа лидерите на ДС, Зоран Лутовац; Еколошки опстанок, Александар Јовановиќ Ќута; Партијата на слободата и правдата, Драган Ѓилас; Зелениот левичарски фронт, Билјана Ѓорѓевиќ и Радомир Лазовиќ; Движењето на слободни граѓани, Движењето на Србите за народот, Павле Грбовиќ; Центар, Здравко Понош, и Зајдено, Небојша Зеленовиќ и Билјана Стојковиќ.

Како примери за злоупотреби пред изборите, на денот на гласањето и по затворањето на гласачките места, СПН наведува „недвосмислени докази“ за купување гласови, кои вклучуваат аудиоснимки, објавени од Центарот за истражувачко новинарство на Србија (ЦИНС) на 29 ноември 2023 година; пасивното однесување и целосната неактивност на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ), со огромен дисбаланс во медиумското покривање на власта и опозицијата и постојани кампањи за клеветење на опозицијата од страна на провладините таблоиди; oгромното медиумско присуство на претседателот, кој не беше кандидат на изборите и, како што беше забележано од мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, „силното влијание на владата врз повеќето медиуми“; сериозни обвинувања за миграција на гласачи (регистрација на гласачи во места каде што вообичаено не живеат), вклучително и жители на соседните земји, за изборите за градското собрание на Белград, кои надлежните државни институции одбија соодветно да ги решат и истражат; притисок врз вработените во државните претпријатија и примателите на социјална помош или да го фотографираат гласачкото ливче и личната карта (што е веќе незаконски) или да дадат веќе пополнето гласачко ливче и да го извадат празното од избирачкото место, со цел да продолжат да добиваат помош или да им се обноват договорите за работа.

Европската Унија треба итно да ја прекине политиката на смирување на владата во Србија и да почне да ги користи достапните алатки против членовите на владејачката партија вклучени во изборна измама и на овој начин да им помогне на граѓаните на Србија во враќањето на владеењето на правото и демократијата, наведуваат од СПН.

„Доколку Европската Унија ја пропушти оваа можност да ја изрази својата поддршка за граѓаните на Србија кои бараат демократија и основни европски вредности во овој критичен момент, на секоја перспектива за демократска и европска Србија како идна земја членка на ЕУ ќе ѝ биде зададен огромен удар“,се наведува во писмото.

 

Back to top button
Close