Србија започна проект за бесплатен јавен Wi-Fi во општините

Во Србија денеска започна реализацијата на проектот „WiFi4WB“, како и втората фаза од проектот „Rural Broadband Rollout“, со кои ќе се овозможи воведување брз интернет и бесплатен јавен Wi-Fi во руралните делови од земјата.

Проектот симболично беше пуштен во работа со активирање бесплатни јавни Wi-Fi мрежи во општините Лајковац и Жабари.

На промоцијата во Белград присуствуваа српскиот премиер Ѓуро Мацут, амбасадорот на Европска Унија во Србија Андреас фон Бекерат и германската амбасадорка Анке Конрад.

Фон Бекерат изјави дека главната цел е да се обезбеди дигитален пристап за секоја заедница во Србија и нагласи дека широкопојасната инфраструктура денес е подеднакво важна како патиштата, струјата и водата.

Според него, втората фаза од проектот за рурална широкопојасна инфраструктура добила 33 милиони евра од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан, како и заем од 100 милиони евра од Европска банка за обнова и развој.

Проектот треба да обезбеди брз и стабилен интернет за 800 рурални населби и околу 700 основни училишта.

Во рамки на проектот „WiFi4WB“ се обезбедени 7,5 милиони евра за поставување јавни бесплатни Wi-Fi точки во повеќе од 100 општини, особено во помалку развиените средини.

Премиерот Мацут оцени дека изградбата на широкопојасната мрежа претставува инвестиција во иднината на селата и директна поддршка за останување на населението во руралните заедници.

Анке Конрад порача дека дигиталната поврзаност мора да биде достапна за сите и додаде дека проектите се дел од поширокиот реформски процес на Србија на патот кон Европската Унија.

Од Европска банка за обнова и развој соопштија дека втората фаза од проектот треба да заврши до крајот на 2027 година, а се очекува мрежата да опфати повеќе од 150.000 домаќинства и над 800 училишта во речиси 1.000 села.

Back to top button
Close