Средба Заев-Меркел во Тирана: Евроинтеграцијата на С Македонија и регионот не смее да се одложува
Како што информира владината прес-служба, на средбата со канцеларката Меркел, премиерот Заев ги изнесол позициите на С Македонија во однос на потребата за забрзување на евроинтеграциските процеси, како и дека е потребно брзо решавање на спорот со Бугарија
Премиерот Зоран Заев придружуван од вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи попладнево остварија билатерална средба со германската канцеларка Ангела Меркел во Тирана.
Како што информира владината прес-служба, на средбата со канцеларката Меркел, премиерот Заев ги изнесол позициите на С Македонија во однос на потребата за забрзување на евроинтеграциските процеси, како и дека е потребно брзо решавање на спорот со Бугарија.
„Премиерот Заев нагласи дека единствен прифатлив предлог за нашата земја за надминување на блокадата на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан е предлогот претставен за време на претседателството на Португалија со ЕУ, со кој се почитуваат заложбите и на двете страни за унапредување на меѓусебните односи и за евроинтегративните процеси во регионот“,
се вели во соопштението.
Заев се осврнал и на иницијативата „Отворен Балкан“, за која нагласил дека се темели на принципите на функционирање на Европската Унија.
„Нам ни е потребно што е можно побрзо решавање на политичките пречки и интегрирање на Северна Македонија во ЕУ. Ние успешно ги завршивме нашите домашни задачи, но тоа не значи дека запираме тука, напротив секој ден работиме и се бориме за подобро утре за нашите граѓани“,
рекол Заев на билатералната средба со канцеларката Меркел.
Канцеларката Меркел се согласила со владината делегација дека ЕУ интеграцијата и на Северна Македонија и на регионот не смее да продолжи да се одложува и дека постојаниот напредок е нотиран од страна на сите релевантни европски институции и меѓународни партнери на државата.
Премиерот Заев и канцеларката Меркел разговарале и за трговската размена помеѓу двете држави и за дополнително унапредување на економските инвестиции во државата со оглед на поволната бизнис клима која ја прави Германија број еден трговски партнер на С Македонија во континуитет со години.