Стејт департмент: Русија ќе се соочи со последици ако употреби „валкана бомба

Русија ќе се соочи со последици доколку употреби „валкана бомба“ или нуклеарно оружје, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс, додека генералниот секретар на НАТО ги отфрли руските тврдења дека Украина има намера да употреби „валкана бомба“.

На прашањето дали Вашингтон ќе ја третира употребата на „валкана бомба“ на ист начин како и употребата на нуклеарна бомба, Прајс рече дека „ќе има последици“ за Русија во секој случај.

„Дали ќе употреби ‘валкана бомба“ или нуклеарна бомба, бевме јасни по тоа прашање“, рече Прајс.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека сојузниците на НАТО го отфрлаат обвинувањето дека Украина се подготвува да употреби „валкана бомба“ на своја територија за да ја обвини Русија за настанатата радиоактивна контаминација.

„Сојузниците на НАТО ги отфрлаат руските обвинувања. Русија не смее да го користи ова како изговор за ескалација“, рече Столтенберг.

Западните сојузници на Украина отфрлија каква било сугестија дека Киев гради или планира да користи „валкана бомба“, конвенционално оружје чие јадро е обвиткано во нуклеарен материјал.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека обвинението е знак дека Москва планира таков напад и дека ќе го обвини Киев.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во понеделникот изјави дека обвинувањата на Зеленски дека Москва планира напад со радиоактивна „валкана бомба“ не се за „сериозен разговор“.

Back to top button
Close