Стечај на Еуростандард банка и молкот на политичките партии

Почитувани читатели, вообичаено во колумните тематски поврзани со стечајот на банката, не знам по кој пат пишувам во јавноста за местото и улогата на политичките партии, не само во севкупниот систем на Република Македонија, туку и во сегментот на банкарството. Прашањето е зошто молчејќи дозволија да отиде во стечај банка, единствена во Македонија како „грин-филд” инвестиција.

Замислете, оваа инвестиција е направена во далечната 2001 година, кога во Македонија се водеше војна, а јас сакајќи да ѝ помогнам на мојата татковина вложив средства, печалени надвор од Македонија.

Поривот да изградам банка, токму во моменти кога беше неизвесна иднината на Македонија, беше и мој личен порив да докажам дека Македонија има своја иднина.

Во 90-те години и првата декада од овој милениум имав во континуитет комуникација со лидерите на сите политички партии во Македонија. Од нивна страна бев убедуван дека правам дело за почит, инвестирајќи го сопствениот капитал во Македонија.

Мојата комуникација со политичките партии траеше и во втората деценија од овој милениум, меѓутоа во форма која што одговараше на реалниот политички светоглед во Македонија.

На многумина им е јасно дека политичките партии во Македонија, посебно нивните лидери не поддржуваат личности со свој личен кредибилитет и сопствено поимање на нештата во Македонија. Ваквата затвореност на политичките партии и мене лично ме обесхрабри активно да се вклучам во политичкиот живот на Македонија.

Во внатре-партиското размислување не смее да постои авангардност, туку послушност, што не е својствено за мене и можеби затоа ја плаќам сопствената цена за непослушноста.

На сите места каде се вложив себе си и својот капитал, јас изгорев. Најнапред беше ,,Порцеланка-Велес”, каде изгубив капитал од цирка 10 милиони евра, потоа ,,Еуроленд” или бившиот земјоделски комбинат ,,Скопско поле” каде повторно загубив цирка 10 милиони евра, потоа следеше ,,Кермес” каде веќе цели 17 години ја барам правдата. До ден денес сѐ уште немам почувствувано што е правна држава. Споменатите три лоши инвестиции се дело на политичка одмазда или пак суета.

За сите овие случаи јавноста повеќе или помалку е запознаена, меѓутоа „кујните” на најголемите политички партии во македонскиот блок и натаму произведуваат афери од кои јас и моето семејство не само што станавме оштетени, туку нѐ претворија во виновници и криминалци.

Во случајот со Еуростандард банка, направив приватна истрага чиј извештај беше обзнаен и доставен до сите политички партии на увид. Од самиот извештај произлегува дека самиот себе не сум се штител од перцепцијата на реномираната ревизорска куќа Р.У.Р. од Словенија. Со закон забранет систем на позајмици, на големо се практикува во банкарскиот сектор во Македонија, а јас како акционер сум виновен што сакав да застанам на патот на овој, со закон недозволен банкарски чин.

Општо правило е во организираниот криминал кога една алка ќе сака да се исклучи, тогаш таа станува предмет за елиминација. Очигледно во најголемите политички партии нема интерес за решавање на ова банкарско зло. Прашањето е зошто?

Постојат два можни заклучока: првиот заклучок е дека и политичките партии се зависни од комерцијалните банки кои работат со нив. Не е тајна дека двете најголеми политички партии во македонскиот блок се коминтенти на Комерцијална банка. Кредитите кои на големо се користени од овие две партии се покриени со хипотеки од партискиот имот. Нередовните исплати на главнината и каматите, ги става партиите во состојба да молат за пролонгирање. Бидете убедени ваквата банкарска услуга со пролонгирање на отплата на главнина и камати, бара и контра услуга. Жално е што контра услугите што ги даваат политичките партии на банката значат само гаранција за функционирање на криминалот во банкарскиот сектор.

Вториот заклучок е дека партиите ги водат тотални аналфабети чија непрофесионалност се одразува во севкупниот стопански живот на државата. Ваквиот заклучок ми изгледа нереален, ама во едно не така далечно минато фирмата АСИБА, која ја водеше господинот Пеце Дамевски и требаше да организира производство во Македонија на Ауди 3, нудејќи можности Македонија да влезе во семејството на светските брендови во автомобилската индустрија. Тогашната Влада на Република Македонија со нејзините политички лидери го забрани овој проект. Епилогот е јасен: АСИБА отиде во стечај, а Ауди 3 почна да се произведува во други земји.

Владата на Господинот Груевски дозволи во слободната зона Бунарџик да се смести белгискиот производител на Автобуси Ван Хул. Јавноста е многу добро запозната дека оваа белгиска фирма беше пред стечај и дека нејзиниот спас се должи исклучиво на бенефициите кои ги подари Владата на Груевски на оваа фирма, чија цена ја плаќаме сите ние, граѓаните на Република Македонија.

Заклучокот сам по себе се наметнува дека политичките партии не ја разбираат економијата, од аспект на градење национална стратегија. Како можете да го објасните фактот што сопствена фирма која нуди економски разбој на Република Македонија ја носите во стечај, а фирма која веќе била банкрот во Белгија, да ја спасувате за сметка на сопствениот народ.

Да биде јасно, фирмата АСИБА и господинот Пеце Дамевски беа блиски до тогашната структура на Владата на Република Македонија, но близината на АСИБА со политиката, ја изгоре, не ѝ помогна.

Јас сум свесен кому му пречеше Еуростандард банка , ама сѐ уште не можам да го разберам молкот на поплитичките партии кои преќутно ја потпишаа смртната пресуда на Еуростандард банка.

Почитувани, вие размислете какви политички субјекти ѝ се потребни на Република Македонија.

Трифун Костовски

Back to top button
Close