Стефоска: Длабока почит за Киријази – единствената жена од Битолскиот конгрес. УНЕСКО прифати да ѝ го посветиме 17 декември

Параскеви Киријази е единствената жена која учествувала на Битолскиот конгрес одржан на 22 ноември 1908 година кога била унифицирана азбуката на албанскиот јазик.

Во нејзина чест на „Деновите на азбуката – 2020“, манифестација која се одржа во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците по повод 22 ноември, беа промовирани книгата „Дневникот на Параскеви Киријази“ од Скендер Асани и Нора Малиќи-Зулали и документарниот филм за УНЕСКО посветен токму на оваа жена.

„Нашата земја ја има привилегијата да изобилува со јазици и дијалекти, да биде ’срцето на балканскиот јазичен контакт‘, како што вели големиот лингвист и пријател на Република Северна Македонија, проф. Виктор Фридман. Тоа е богатство, културно богатство кое нè прави поубави и посилни. Честитајќи го Денот на албанската азбука, 22-ри ноември, не го кријам задоволството што успеавме, во календарот на УНЕСКО за поддршка на значајни јубилеи во 2020, да ја внесеме и 50-годишнината од упокојувањето на Параскеви Киријази, активна учесничка на Битолскиот конгрес. На оваа исклучителна жена полиглот, ерудит и педагог ѝ го посветуваме 17 декември“,

рече министерката за култура Ирена Стефоска во обраќањето на оваа манифестација.

На жените како Параскеви, кога и да живееле, каде и да се родиле и работеле, на кој јазик и да се изразувале и да дејствувале, рече министерката, можам единствено со почит да им се поклонам.

На промоцијата на книгата и на документарниот филм од кој Стефоска сподели и видео на социјалните мрежи, обраќање имаа и амбасадорката на САД во земјава, Кејт Брнз, претседателот на Евангелско-протестантската црква на Косово, Феми Цаколи, директорот на Институтот за албански и протестантски студии во Тирана, Давид Хосафлук, Нора Малиќи-Зулали и директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, Скендер Асани.

Промоцијата е во организација на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, а со поддршка на Министерството за култура.

 

Back to top button
Close