Стојанче Ангелов му се обрати на Али Ахмети по изјавата за 2001 година

Фејсбук статус на Стојанче Ангелов:

Г-дине Али Ахмети,
Во вашето денешно обраќање до јавноста, меѓу другото тврдите, “кога сонувавме за слободата во 2001 година, истата категорија на луѓе, исто така се потсмеваа и го кренаа белото знаме“.

Г-дине Ахмети,
За да нема забуна во македонската јавност, Вие и јас добро знаеме кои беа тие кои во 2001-та го кренаа белото знаме. Но, и Вие и јас, добро знаеме дека тоа не бевме ние, припадниците на македонските безбедносни сили. Понатаму, и Вие и јас, добро знаеме што ќе се случеше ако не беа тие кои го кренаа белото знаме.

Г-дине Ахмети,
Во 2001-та, ние, припадниците на македонската Армија и Полиција, победивме насекаде каде што имавме наредба да војуваме. Со нашата пожртвуваност и храброст победивме и не дозволивме да биде отцепена ниту педа македонска земја. За жал, иако ние победивме, политичарите изгубија. Тогашните македонски политичари беа тие кои го кренаа белото знаме. Од друга страна, и Вие и јас, знаеме зошто тие го кренаа белото знаме. Но, и Вие и јас, знаеме дека оние кои тогаш ви помагаа вам, денес ни помагаат нам. Кога велам нам, мислам на сите нас, и на вас и на нас. Затоа, извесно време наназад, верувам во нашата заедничка иднина, верувам во нашата заедничка држава, верувам во нашата Македонија.

Г-дине Ахмети,
Токму заради избегнување на она што ни се случи некогаш, она чија крвава цена ја плативме тогаш но ја плаќаме и сега, сите ние, и вие и ние, апелирам на поголема внимателност при давањето на јавни изјави, посебно кога се споменуваат чувствителни и болни теми како што е војната од 2001-та.

Г-дине Али Ахмети,
Што се однесува до идејата за премиер Албанец, ако е образован, искусен, вреден и чесен, зошто не? Има само еден мал проблем. Вообичаено, барем кај нас, премиер е еден од претседателите на двете најголеми македонски партии. Без негова согласност вакво нешто не би било можно. Познавајки го лично Зоран Заев, се сомневам во такво нешто. Се сомневам дека претседателот на СДСМ ќе го отстапи премиерското столче во корист на некој од ДУИ. Истото се однесува и на претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Мицковски, кој, иако не го знам лично, во случај да формира влада, а нема, не ми изгледа како некој кој би се откажал од премиерското столче. Од друга страна и Вицепремиер не е малку, зарем не? Особено ако е чесен, вреден, образован, искусен и добар.

Нека биде мир во земјата.

Back to top button
Close