Стојанче Јовановски го обвини Саздов дека ја навел Ивана на самоубиство
Денеска во Кривичниот суд продолжи судењето против Стојанче Јовановски, кој се товари за три кривични дела, меѓу кои и наведување на самоубиство.

На рочиштето исказ даде обвинетиот Јовановски, кој во детали зборуваше за односот со сега покојната Ивана, како и за сведокот Мартин Саздов, со кој, според неговите тврдења, Ивана била во врска.
Го обвини Саздов дека ја навел Ивана на самоубиство.
„Мартин рече: ‘Види какво детенце имаш, нели ти е жал да го изгубиш, јас да сум на твое место подобро би се убил отколку ова да го направам’. Јас си играв со Катја и стигнавме пред нашата зграда. Ивана инсистираше да се качи сама со Катја во станот. Јас се спротивставив и на крај сите заедно се качивме. Кога сакав да влезам во станот за да ги почекам додека се подготват, ми се вратија мислите за тоа што ми беше подметнато во колата и им го кажав тоа. Мартин почна да негира и ме влечеше да излезам од станот. Се спротивставував, но Катја се вознемири и затоа излегов. Се симнавме јас и Мартин. Ивана ми ѕвонеше, не ѝ се јавив, па му ѕвонеше на Мартин и му кажала дека ќе ми се јави на видео повик. Се јавив и ја видов Ивана со Катја во раце. Катја беше во лила џемперче. Почнав да викам ‘Ивана, Ивана’, се упатив кон влезот и слушнав силен тресок. Потоа излеговме кон пролазот меѓу зградата и кафулето, а Мартин викаше ‘Ивана паднала’. Јас се вознемирив, излегов на улица и се фрлив пред кола, која ме удри по ногата. Ја отворив вратата и им реков да свртат десно за да ми помогнат. Потоа повикав брза помош, мислејќи дека се живи. Потоа не се сеќавам многу — дојдоа полицајци и ме смируваа, ми велеа ‘добри се, добри се’“, сведочеше Јовановски.
Пред неговиот исказ, пред судот сведочеа и лекарите од тимот за обдукција.
Според нив, во анализите на крвта на Ивана не биле пронајдени траги од алкохол, дрога или лекови.
Истовремено, во крвта и урината на Стојанче било утврдено присуство на кокаин и дијазепам, но според лекарите не може со сигурност да се утврди дали тие биле земени на самиот ден на настанот или ден-два претходно. (fokus.mk)






