Стоилковиќ во интервју за кинеска телевизија: Имаме огромен потенцијал за соработка
Македонија и Кина имаат цврсти инфраструктурни врски, но отвораат и нови поглавја за соработка во областите на дигиталните услуги, туризмот и културната размена, објави 4news.mk Ова го истакна вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, во интервју за кинеската глобална телевизиска мрежа CGTN, за време на неговото учество на 7-от Состанок на локални лидери меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа (ЦЕИЕ) и Меѓународниот форум за соработка во Џинан, провинцијата Шандонг.

Стоилковиќ потенцираше дека македонската држава може многу да научи од кинеското искуство, особено во делот на зелениот развој и имплементацијата на високата технологија во сектори кои се од витално значење за домашната економија.
Како главен столб на кој треба да се развива идната економска соработка меѓу двете земји, вицепремиерот го посочи земјоделството. Според него, иако овој сектор е длабоко вкоренет во македонската традиција, тој мора итно да се прилагоди на современите светски текови преку воведување на модерни технолошки решенија.
„Кај нас земјоделството е традиционална култура и традиционален начин на работа на населението, но тоа е сосема малку модерно за современиот свет. Токму во светот на сите оние погодности што ги дава технологијата и соработката на тој план, ние гледаме сериозен простор каде што се отвораат можности за нова соработка. Овој аспект има навистина голем потенцијал“, изјави Стоилковиќ.
Иако досегашните односи меѓу двете држави најчесто се препознаваа преку капиталните инфраструктурни проекти, на Самитот во Шандонг беше нагласена потребата од диверзификација на партнерството.
Покрај дигиталната трансформација и модернизацијата на земјоделството со ИТ алатки, како клучни точки за иден заеднички развој беа мапирани и развојот на дигиталните сервиси за граѓаните, интензивирањето на туристичката размена, како и зајакнувањето на културните врски меѓу македонскиот и кинескиот народ. (4news)






