Столтенберг се надева на одлука за нова воена помош за Украина

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг пред почетокот на дводневниот вонреден состанок на Алијансата денеска изрази увереност дека земјите- членки ќе се согласат за дополнителна воена помош за Украина, јави дописничката на МИА од Брисел.

Press Conference NATO Secretary General Jens Stoltenberg

Столтенберг повтори дека Русија се подготвува за нова офанзива врз Донбас откако ќе ги регрупира своите војници и ќе ги вооружи дополнително за да ги насочи кон истокот и југот на Украина.

Киев, рече тој, треба да продолжи да добива секаков вид помош – финансиска, воена и хуманитарна, како и да се продолжи со притисокот од санкциите врз Русија, со што ќе и се помогне на Украина да ја засили својата позиција во преговорите со Москва.

-Украина има итна потреба од воена помош, важно е сојузниците да се усогласат за дополнително помош со секаква опрема, тешки и лесни вооружени системи, оваа поддршка има ефект секој ден, како што видовме од сликите на руската војска, рече Столтенберг.

Се очекува денеска земјите-членки на НАТО да се договорат за испраќање на противтенковска и воздушна одбрана, но и други видови воена опрема.

НАТО исто така предупреди дека оваа војна ќе трае долго, можеби и години.

-Путин може да ја запре војната, да седне и да најде политичко решение, но мора да бидеме реалисти, може тоа да трае месеци, дури и години, треба да сме подготвени за долг рок, да ги одржиме санкциите, да ја зајакнеме одбраната и да ја поддржуваме Украина, рече шефот на Алијансата.

Во овој контекст земјите-членки на НАТО овие денови ќе разговараат и за новиот стратешки концепт на НАТО за наредната деценија, со многу поостар став кон Русија, но и кон Кина, како и зајакнување на колективната одбрана, уште повеќе од досегашното.

На министрите за надворешни на НАТО денеска ќе им се придружат и украинскиот колега Дмитро Кулеба, како и високиот претставник на ЕУ, министрите за надворешни на Финска, на Шведска, на Австралија, на Нов Зеланд, на Јапонија и на Јужна Кореја.

Back to top button
Close