Стружанец со таен уред крадел струја и ја оштетил компанијата за 260.000 денари
Како што информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, пријавениот неовластено поставил посебен уред во просториите на неговиот угостителски објект, со кој вршел измени во регистрираната потрошувачка на електрична енергија. На тој начин, незаконски намалувал пријавени киловати и се стекнал со противправна имотна корист.
Според истрагата, кражбата на струја се одвивала во периодот од февруари 2024 до јануари 2025 година, при што на надлежната енергетска компанија ѝ била нанесена материјална штета од околу 260.000 денари.
Полицијата продолжува со истрагата, а против сопственикот ќе следуваат соодветни законски постапки.