Судот во Стразбур одлучи дека предметите на СЈО не пропаѓаат

Европскиот суд за човекови права во Стразбур соопшти дека апликациите на осудените и обвинетите од предметите што ги отвори СЈО, а кои поранешниот претседател Ѓорге Иванов ги помилува, се недопуштени, пренесе 360 Степени.

Судот смета дека обвинетите и осудените не успеале да ги исцрпат домашните правни лекови. Одлуката е финална, соопшти ЕСЧП.

Тоа би значело дека предметите на поранешното СЈО не пропаѓаат и постапките за нив продолжуваат.

 

Апликациите во Стразбур ги поднесоа дел од поранешните функционери против кои постапки отвори СЈО, a како причина за нив се наведува аболицијата што поранешниот претседател Ѓорге Иванов им ја даде во 2016 година, но по бурните реакции потоа ја повлече.

 

Пред ЕСЧП тие се жалат дека нивното кривично гонење по даденото помилување претставува кршење на владеењето на правото, како и дека повлекувањето на аболицијата било против правната сигурност.

Апликантите во Стразбур заедно со нивните адвокати и пред судовите често ги оспоруваа предметите на СЈО повикувајќи се на тезата дека еднаш дадена аболиција не може да се повлече.

Првата апликација до Стразбур беше испратена на почетокот на ноември 2017 година од поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, преку адвокатот Влатко Илиевски, сопруг на ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Предметот во ЕСЧП е така и насловен: „Талески и останатите против Северна Македонија“.

Останатите кои потоа поднесоа апликации се: бившиот премиер Никола Груевски, ексминистрите Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, генералниот секретар на Владата во времето на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот градоначалници на Гази Баба и на Пустец (Албанија), Тони Трајковски и Едмонд Темелко

Back to top button
Close