Суниог ѝ го предаде извештајот на ЕК на Османи: Косово бележи напредок во споредба со земјите од регионот


Претседателката на Косово, Вјоса Османи го прими вечерва од амбасадорот на Европската унија во земјата, Томаш Суниог извештајот на Европската комисија за напредокот на Косово во евроинтеграциите во текот на минатата година, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението од кабинетот на Османи се наведува дека Суниог во таа прилика нагласил оти „годинешниот извештај го препознава општиот прогрес на Косово, посебно во владеењето на правото, како во однос на претходната година, така и во споредба со земјите од регионот”.

Косовската претседателка на средбата повторила оти зачленувањето во Европската унија останува приоритет на државата, при што ги споменала конкретните дејствија што ги преземаат државните институции во правец на јакнење на владеењето на правото, демократијата и човековите права.

Таа најавила и дека Косово набргу ќе аплицира за зачленување во ЕУ и побарала завршување на процесот на визна либерализација за косовските граѓани.

– Претседателката Османи рече дека Република Косово формално ќе аплицира за зачленување во ЕУ, нагласувајќи ја итната потреба од затворање на процесот на визна либерализација за косовските граѓани. Претседателката нагласи дека во рамки на нејзините уставни надлежности ќе биде гарант на реализацијата на тие приоритети, се вели во соопштението. иа

Back to top button
Close