Сведокот Трајковски добил закани пред судењето за Вања и Панче: Ми се заканија да внимавам што зборувам, да не сум паднел во дупка!
На денешното судско рочиште за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски сведочеше сведокот Гоце Трајковски. Тој до неодамна беше недостапен бидејќи беше во бегство како осомничен за друго кривично дело.
Пред да почне со сведочење, Трајковски, порача дека пред рочиштето добил закани да внимава што зборува.
-Добив закани од овие психопатите од партијата, да внимавам што зборувам, за да не сум пропаднел во дупка. Само да знаат дека не им се плашам, јас не сум мало девојче или старец, истакна Трајковски.
На прашањето на обвинителката како дознал за изчезнувањето на Вања, тој рече:
-Кога станав од спиење видов на Фејсбук дека исчезнало девојче. И вртев на ќерка ми зошто учи во истото школо. Не ни крена, дигнав узбуна, зошто и ја прашав мајка ми зошто не се јавува. Ни рече биди мирен на час е, ја следам преку телефон. Пороа ми се јави мајка ми и кажа дека исчезнатото девојче е на Сашо кумот, рече сведокот.
Тој појасни дека таткото на Вања, Александар, му бил кум на првата свадба, поради старо кумство.
-Со Александар се немав слушнато 15-20 години. Мајка ми рече да му се јавам, имам луѓе секаде, и да го прашам дали му треба помош. И реков дека ми е глупо дека се немавме слушнато со години. Мајка ми вечерта пак ми рече да му се јавам. Ми го даде бројот и му пишав порака да ме побара доколку му треба помош. Ми врати дека е во полициска станица и кога ќе излезе ќе ме побара, сведочеше Трајковски.
Тој појасни дека истиот ден не се виделе, туку зборувале по телефон.
-Се слушнавме утре дента и ми рече ако можам да земам снимки од Лукоил. После ми се јави дека ги земал сам. Го прашав да не има дечко Вања или да не имало некој проблем, ми рече не. Првиот пат со Александар се видовме пред зградата од каде што беше киднапирана Вања, рече Трајковски.
Сведокот истакна дека Александар му ја покажал патеката каде се движела Вања. Тој одел по истиот пат и барал снимки од околните објекти. Во првиот објект му рекле дека снимките не им работеле, а потоа влегле во фризерница, која гледала кон зградата на девојчето. Идејата пак самите да ги бараат снимките ја добиле, како што рече, зошто полицајците биле собрани и ништо не правеле, изгледале како да играат криенка.
-Газдарицата ни даде на телефон да ги гледаме. Ги враќавме камерите назад за да видиме дали ќе помине пешки Вања. Се чудевме зошто локаторот на телефонот покажува дека се движела тука, а таа не поминува. Затоа проверивме дали на камерите ја има мајката на Вања, да не се снимки од друг ден, но неа ја имаше во 7.40 часот како трча испаничено. Девојката снимките ни ги даде на усб, рече сведокот.
По фризерницата, побарал снимки од кафеана во близина, но му кажале дека камерите не снимаат на улица, а претходно биле полицајци и ги земале снимките.
-Потоа се јавив кај другар во ,,Сејф сити” да провери на камерите, случајно да не заминала кон парк. Ми рече дека ја нема на камерите кон паркот. Ми рече дека цела полиција е вклучена и дека сите се чудат дека нема трага, како со хеликоптер да е земена, рече Трајковски.
Потоа сведокот рече дека бил и во една менувачница за да побара снимки.
Извор: Фокус