СЗО: Европа се соочува со здравствена криза – психички нарушувања, хронични болести и ниска стапка на вакцинација
Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека европските земји се соочуваат со „трајни здравствени кризи“, вклучувајќи зголемување на менталните заболувања кај младите, намалена стапка на вакцинација и пораст на хроничните болести.
Во извештајот за здравјето во европскиот регион, кој опфаќа 53 земји во Европа, Кавказ и Централна Азија и кој СЗО го објавува на секои три години, се наведува дека еден од шест смртни случаи во регионот се должи на незаразни болести како што се срцеви заболувања, рак, дијабетес и хронични респираторни болести.
Националните здравствени системи, веќе преоптоварени од стареењето на населението, истовремено се соочуваат со растечки закани од климатските промени и не се подготвени за идните кризни ситуации, предупредува СЗО.
„Мораме да се справиме со корените на хроничните болести – пушењето, алкохолот, слабата исхрана, загадувањето на воздухот и недоволната физичка активност“, изјави регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Хенри Клуге.