Талибанците демантираат дека воздухопловната база Баграм повторно е под американска контрола
Авганистанските талибанци денеска ги демантираа гласините дека воздухопловната база Баграм во Авганистан е повторно под контрола на САД, објави лондонски Индипендент.
Демантот уследи откако американски воен товарен авион во неделата слета во ова абаза во Авганистан.
Авион Ц-17 полета од воздухопловната база Ал-Удеид во Катар и во неделата слета во базата во Баграм, пристигнувајќи во Авганистан преку Пакистан,јавија локалните медиуми.
Кама прес објави дека во авионот имало високи функционери на американското разузнавање, меѓу кои и Мајкл Елис, заменик-шефот на ЦИА.
Во текстот на Индипендент се тврди дека талибанците ја предале базата на САД по коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп, изразувајќи интерес токму за овој објект, што се наоѓа северно од Кабул.
Меѓутоа, главниот портпарол на талибанците, Забихула Муџахид, ги отфрли извештаите како „пропаганда“ и рече дека авганистанската Влада ја задржала целосната контрола врз базата.
-Во моментов нема потреба од воено присуство на која било земја во Авганистан и Исламскиот емират нема да дозволи таква акција, додаде портпаролот на талибанците, опишувајќи го преземањето на базата од страна на САД како „невозможно“.
Зија Ахмад Такал, заменик портпарол на авганистанското Министерство за надворешни работи, изјави за Индипендент дека „вестите (за преземањето) не се точни“.
Баграм, база со големина на мал град, служеше како команден центар за коалициските сили за време на 20-годишната војна против талибанците пред тие повторно да го заземат Авганистан во 2021 година