Таравари: „Албанска академија“ е наша предизборна определбa, немаме несогласување во коалицијата

Несогласување немаме. Секогаш идеите што се за наука и уметност мислам дека се добри и убави. Така да засега почнавме како иницијатива од четири општини и се надевам дека понатму ќе изнајдеме решение кое би било прифатливо за сите што живееме во Македонија“, вели Таравари

Министерот за здравство и еден од лидерите во коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари вели дека нема несогласување во владеачката коалиција по идејата за формирање на „Албанска академија на науки и уметностите“.

Според Таравари, идејата за формирање на „Албанска академија на науки и уметностите“ била нивна програмска определба уште во кампањата пред претседателските и парламентарните избори.

Таравари вели дека идејата ја почнале како иницијатива од четири општини и се надева дека понатаму ќе се изнајде решение кое би било прифатливо за сите.

„Несогласување немаме. Секогаш идеите што се за наука и уметност мислам дека се добри и убави. Така да засега почнавме како иницијатива од четири општини и се надевам дека понатму ќе изнајдеме решение кое би било прифатливо за сите што живееме во Македонија“,рече Таравари денеска одговарајќи на новинарски прашања од мобилната единица на плоштадот „Македонија“ од каде почна национална кампања за бесплатен и анонимен скрининг на болести на црниот дроб.

Таравари вели дека се согласува со вчерашната реакција на ВМРО-ДПМНЕ, која е и нивни коалициски партнер, дека науката не треба да се етнизира.

„Никогаш науката не се етнизира, таман работа, не ја етнизираме. Ние имаме повеќе Универзитети, ќе имаме повеќе институции што се занимаваат со наука и уметност и да ги развиеме овие институции што повеќе и да ги поддржуваме. Да дадеме максимум сите од себе што повеќе науката и уметноста на сите етнички заедници што живеат во Македонија да се развива што поубаво и подобро“,додаде Таравари.

Својот став денеска го повторија од коалицијата „Вреди“ од каде рекоа целта на оваа идеја е интеграција на албанските интелектуалци внатре во државата, а не двоење, сегрегирање или правење паралелизам бидејќи како што вели, предолг период Албанците наидуваат на затворени врати од Македонската академија на наука и уметност (МАНУ).

Back to top button
Close