Таравари: Не знаеме дали еден или 1000 пациенти биле жртва на Онкологија со крадените лекови
Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари вчера гостувајќи во Гласот на Америка се осврна и на скандалот на Клиниката за онкологија каде според информациите се краделе лекови за болни од рак.
Таравари потенцира дека овој случај е скандалозен, а упати и честитки кон министерот за тоа што бил многу отворен и инсистирал за овој случај да се расчисти до крај.
„Овој случај е скандалозен. Она што се случи е дека на пациентите им биле давани плацебо наместо лекови и тие биле продадени на друго место. Му честитам на министерот што беше многу отворен и инсистираше на органите на правдата овој случај да се расчисти до крај.
И посакувам и се надевам дека нема да се повторат вакви случаи. Во моментов не знаеме дали се работи за 1 или илјада пациенти кои биле жртви на тоа што се случило, но дури и за еден, тоа е неетичко и неморално и дефинитивно и под никакви околности министерството мора да инсистира на органите на правдата. за овој случај да биде казнет, со цел никогаш да не се повтори“, вели Таравари.