Таравари потврди дека разговарал со Ахмети, но само телефонски
Лидерот на дел од Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој реши на локалните избори да оди со свои советнички листи, што беше причина да се разниша коалицијата ВЛЕН, потврди дека разговорал со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Таравари, како што пренесува телевизија Алсат, во интервју за „Лајм“ изјавил дека немал средба со Ахмети, туку дека разговарале телефонски.
На новинарско прашање дали имал средба со Ахмети или, пак, очекува да имаат Таравари вели:
„Не, не, не. Имаше телефонски разговор и то
Претходно, по информациите дека тој е во комуникација со Демократската унија за интеграција, неговиот коалиционен колега од ВЛЕН, лидерот на Демократско движење, Изет Меџити го повика Таравари да пресече дали е дел од нив или е во преговори со ДУИ и Али Ахмети.
Околу превирањата во ВЛЕН и влијанието врз владината коалицијата, вчера во интервју за телевизија Алсат, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, рече дека не се задоволни што има вакви турбуленции кај нивниот коалиционен партнер. Тој додаде дека ова е партискиот став.
„Како претставник на ВМРО-ДПМНЕ може да го кажам ставот на партијата, а на Владата ќе го слушнеме од премиерот. Не сме задоволни што има вакви турбуленции во коалицијата ВЛЕН. Ние би биле многу посреќни ако тие успеат да ја задржат својата политичка компактност бидејќи таа беше еден силен адут за да ја добиеме заеднички довербата од гласачите“,
рече Милошоски.
Тој додаде и дека не можат на ниту еден политички субјект да му сугерираат како размислува да настапи или да не настапи на локалните избори.
Милошоски најави и дека премиерот Христијан Мицкоски, по враќањето од Обединетите Арапски Емирати, ќе има разговори со секој коалиционен партнер, вклучително тука и со партиите што се во коалицијата ВЛЕН, а исто и со министерот за здравство Арбен Таравари.
„Да видиме што можеме ние како поголема политичка партија да помогнеме во менаџирањето на процесот да се зачува компактноста на парламентарното мнозинство, но во секој случај стабилноста на Владата не е загрозена“,
рече Милошоски.
Вчера од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, кое е дел од власта, рекоа дека превирањата во коалицијата ВЛЕН не се закана за владејачкото мнозинство и посочија оти Владата е стабилна по одлуката на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари на локалните избори да оди со свои советнички листи.
Со ист став вчера излезе и Билал Касами од движењето Беса кое е дел од коалицијата ВЛЕН. Тој рече дека нема да има криза во владината коалиција и оти таа има стабилно мнозинство додавајќи дека и самиот Таравари кажал дека не е подготвен да излезе од неа.
Одлуката на Таравари крилото на Алијанса за Албанците што тој го предводи на локалните избори да оди со свои советнички листи беше причина да се состанат лидерите и високи функционери на коалицијата ВЛЕН, а по состанокот рекоа дека одлуката на АА е донесена во интерес на ДУИ, чија суштина јавноста многу бргу ќе ја разбере.
Како што посочи Изет Меџити, ВЛЕН не го исклучила Таравари од коалицијата, туку тој се самоисклучил. Според него, ваквата одлука на актуелниот министер за здравство претставува проблем и за Владата, но засега нема одговор дали ќе бараат негово разрешување од министерската функција.
Дека има несогласувања во ВЛЕН, Таравари откри во интервју за „360 степени“ емитувано на 31 март. Во него тој говореше и упати критики за начинот на кој ВЛЕН функционира во Владата, оценувајќи го за „тромо“ и со „многу недостатоци”. Изнесе детали за тоа што било разговарано во коалицијата околу настапот на претстојните локални избори и за неговиот став околу ова прашање.