Телефонски разговор Путин-Вучиќ: Наскоро договор за условите за набавка на руски гас

Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, во телефонски разговор му ја честитал убедливата изборна победа на неговиот колега, претседателот на Србија и лидер на Српската напредна партија (СНС), Александар Вучиќ, пренесува Данас.

Во оваа пригода Путин на српскиот претседател му посакал среќа и успех на одговорната функција шеф на држава и напредок на Србија во наредните пет години, со убедување оти Србија и Русија ќе ги зачуваат пријателските односи.

Според соопштението од српскиот владин кабинет, како што пренесе Данас, претседателот Вучиќ му се заблагодарил за честитките и рекол оти Република Србија ќе продолжи да ја води својата политика на европскиот пат, притоа зачувувајќи ги искрените и традиционални пријателски односи со Русија.

Во соопштението од кабинетот на Вучиќ се наведува оти двајцата претседатели ја анализираа економската состојба и билатералните односи во областа на енергетиката и трговијата, кои бележат раст во 2021 година и првите два месеци од 2022 година, што е добар знак за успешната соработка.

„Претседателот Вучиќ го информираше претседателот Путин за тешкотиите со кои се соочува Србија при увозот на сурова нафта и изрази уверување дека раководството на ‘Гасзромњефт’ и Република Србија, како и партнерите од ЕУ, ќе најдат излез од таквата ситуација – стои во соопштението.

Воедно, Вучиќ и Путин констатирале оти долгорочниот договор за гас со Србија истекува на 31 мај годинава и дека е потребно во најкраток рок да почнат разговори за цената, количините и другите услови за набавка на овој мошне важен извор на енергија за Србија.

На крајот на разговорот претседателот Путин го информирал српскиот претседател Вучиќ за настаните во Украина и причините со кои Русија се раководи во спроведувањето на „специјалните операции“, а претседателот Вучиќ се повикал на веќе добро познатите ставови на Србија и заклучоци на Советот за национална безбедност, кои му се познати на претседателот Путин, изразувајќи надеж оти конфликтот во Украина ќе заврши што е можно поскоро.

 

 

Back to top button
Close