Трагедијата во Кочани во фокусот на денешните партиски препукувања

Опозициските ДУИ и СДСМ денеска повторно оценија дека се води селективна истрага за пожарот во Кочани и дека се штитат директно одговорните за трагедијата, а од ВМРО-ДПМНЕ велат дека двете партии тонат во безизлезноста и неспособноста.

– Во историјата на Македонија немало акција каде било уапсен актуелен министер, актуелен градоначалник, поранешни градоначалници и министри во исто време. Брутално безобразие е партиите СДС и ДУИ да велат дека има селективна акција, истите тие чии претседатели се товареа со украдени пари, изјави денеска Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ побараа итно проширување на истрагата кон актуелните функционери што биле директно одговорни вечерта на трагедијата и да се стави крај, на како што велат, политичката злоупотреба на обвинителството и институциите.

– Се отвора мега-процес, вештачки надуван, во кој не се гони конкретна одговорност, туку се гради наратив – да се покаже „одлучност“ и „борба против криминал“ со цел прикирвање на вистински одговорните. Таков пристап е опасен. Не само што ја поткопува правната држава, туку и неправедно цели кон луѓе кои можеби имаат институционални пропусти, но не се директни виновници за трагедијата. Така семејствата на загинатите нема да добијат правда. И додека се бркаат чиновници од пред десет години, началниците и командирите што таа вечер имале директна обврска да постапат, остануваат недопрени. Владата сака јавноста да заборави дека полицијата била таму и не направила ништо, велат од СДСМ.

Од ДУИ истрагата ја оценија како пример за правна импровизација, воден не од закон, туку од желба за аплауз.

– Наместо да ја води истрагата низ призмата на правдата, обвинителството ја поставува низ призмата на популизмот и спасување на Владата. Целата академска и правна фела гласно алармира: овој пристап е антиуставен, спротивен на праксата и антипрофесионален. Тој не произлегува од правната наука, туку од политички договор со извршната власт, велат од ДУИ.

Од Левица, која поднесе интерпелација за министерот за внатрешни работи Панче Топковски, велат дека целата процедура околу интерпелацијата е законска. Лидерот на партијата Димитар Апасиев најавува и интерпелации за премиерот и за државниот јавен обвинител.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој денеска е во посета на СВР Охрид и Регионалниот центар Запад, во изјава за медиумите рече дека истрагата е во тек и дека МВР постапува по наредба на Обвинителството.

Тошковски се надева дека за краток период ќе се затвори истрагата.

И додека партиите си ја префрлаат одговорноста, денеска во Кочани семејствата на настраданите одржаа трет протестен марш од кој порачаа дека нефунционалноста на системот е причина за големата трагедија.

Back to top button
Close