Трамп: Го имам „сето време на светот“ за договор со Иран, што не е случај со Техеран

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека договор со Иран ќе биде склучен само доколку тој биде „поволен и соодветен“ за САД.
Во однос на Иран, Трамп додаде дека „го има на располагање целото време на светот“.
„За информација на сите кои ги читаат тие неспособни новинари од ‘Њујорк тајмс’ или ги гледаат лагите на Си-ен-ен и мислат дека ‘брзам’ да ставам крај на војната (ако можеме така да ја наречеме) против Иран, знајте дека јас сум дефинитивно човекот кој чувствува најмал притисок од сите што некогаш се нашле во ваква ситуација. Го имам целото време на светот, но тоа не важи за Иран. Часовникот отчукува!“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“ (Truth Social).
„Причината зошто некои од медиумите толку лошо котираат со претплатници и гледачи е затоа што повеќе немаат кредибилитет. Морнарицата на Иран лежи на дното на морето, нивното Воено воздухопловство е уништено, нивното противвоздушно оружје и радарска опрема исчезнаа, нивните лидери повеќе не се меѓу нас, блокадата е херметички затворена и силна и, оттаму, само станува полошо — Времето не е на нивна страна! Договор ќе биде постигнат само кога ќе биде соодветен и добар за Соединетите Американски Држави, нашите сојузници и, всушност, за остатокот од светот“, напиша Трамп во својата објава.
Во меѓувреме, американскиот носач на авиони „Џорџ Буш“ пристигна во регионот на Блискиот Исток, со што бројот на американски носачи на авиони во оваа зона сега изнесува три, соопшти претставник на американската војска.
„Носачот на авиони во моментов плови во Индискиот Океан и се наоѓа во зоната на Централната команда на американската војска за Блискиот Исток“, напиша претставникот на американските сили на социјалната мрежа Икс.
Од пред почетокот на војната, во регионот веќе се стационирани носачите на авиони „Џералд Форд“ и „Абрахам Линколн“.






