Трамп го предложи воениот старешина Ерик Вендт за нов амбасадор во Албанија
Претседателот на САД, Доналд Трамп за нов амбасадор во Албанија го предложил поранешниот американски генерал, Ерик Вендт од Калифорнија.

Изборот на Венд треба да биде потврден од Сенатот. Тој доаѓа на местото на амбасадорката Јури Ким, која ја напушти Албанија во 2023 година. Пред две години, номинацијата на дипломатот Дејвид Џ. Костеланчик за функцијата амбасадор на САД во Албанија „не успеа“ откако неколку републикански сенатори гласаа против. Блокадите на номинации за кои е потребна потврда од Сенатот се вообичаена практика во политичките битки во Вашингтон.
Сега вршител на должноста американски амбасадор во Тирана е Ненси Ван Хорн.
Вендт е во американската армија од 1986 година. Од 1991 година, тој е дел од специјалните сили „Зелени беретки“, градејќи силен профил како офицер за специјални операции. Во ноември 2017 година, тој ја презеде функцијата координатор за безбедност на САД за Израел и Палестинската самоуправа, играјќи клучна улога во координирањето на безбедносните прашања во регионот.
Тој зборува арапски и корејски јазик и е одликуван со голем број меѓународни и воени одликувања, вклучувајќи го германскиот Златен крст на честа (за служба во Авганистан), претседателска пофалба од Филипините и медал од Јужна Кореја, како и неколку елитни ознаки како што се значката за воздушен напад, значката за напреден падобранец, значката за ренџер, значката за специјални сили и значката за пешадиска борбена војска.
Дипломирал на Универзитетот во Калифорнија, Санта Барбара и завршил постдипломски студии по национална безбедност на поморската постдипломска школа.






