Трамп нареди затворање на базата на податоци за полициска злоупотреба во САД

Националната база на податоци за следење на злоупотребите од страна на полицијата во САД е затворена по наредба на претседателот Доналд Трамп, јави ДПА.

На веб-страницата на Министерството за правда е објавено дека Трамп го укинал извршниот декрет на поранешниот претседател Џо Бајден, со што Националната база за полициска одговорност (NLEAD) престанува со работа.

„Корисничките агенции повеќе не можат да внесуваат или пребаруваат податоци во NLEAD. Министерството за правда на САД ја укинува базата во согласност со федералните стандарди“, стои во соопштението.

Иронично, токму Трамп предложи создавање на оваа база во својот прв мандат, но таа беше официјално формирана дури за време на администрацијата на Бајден, потсетува ДПА.

Базата беше дел од реформите воведени по протестите на „Black Lives Matter“ во 2020 година, кои следуваа по убиството на Џорџ Флојд.

Флојд почина откако поранешниот полицаец Дерек Шовин го притискаше со коленото неговиот врат повеќе од девет минути. Шовин е осуден за убиство и прекршување на граѓанските права на Флојд.

Back to top button
Close