Трамп се согласил со сè: Меланија потпишала договор дека нема биде “прва дама”

Меланија Трамп повеќе не сака да биде прва дама. Барем не со полно работно време, пишува Page Six, повикувајќи се на извор близок до Трамп, според кој Меланија склучила договор со Доналд Трамп дека, во случај на негова победа на претседателските избори, таа повеќе нема постојано да биде со него и да ги извршува сите протоколарни обврски.

Причината за оваа нејзина одлука е што наесен нивниот син Барон Трамп ќе запише универзитет во Њујорк, а со оглед на тоа дека младиот Трамп никогаш не бил далеку од своите родители, Меланија решила да му даде предност на синот пред сопругот.

„Барон ќе студира во град со демократско мнозинство, па мајка му се грижи како ќе се снајде таму сам. Тој оди во непознат град, со дополнителен потенцијален стрес бидејќи е син на Трамп, па Меланија ќе биде таму колку што е можно повеќе со него за да му помогне во прилагодувањето“, вели извор близок до семејството Трамп, опишувајќи ја Меланија како изразено заштитнички настроена мајка која ја отфрлила идејата нејзиниот син да се појави како републикански делегат на Републиканската национална конвенција во Флорида.

Page Six наведува дека Меланија го сака Њујорк, опишувајќи го како град каде што се чувствува безбедно и додаваат дека таа од есен ќе го поминува најголемиот дел од времето во „Trump Tower“ во Њујорк.

Што се однесува до Доналд, тој се согласил со сè, пишува Page Six.

Back to top button
Close