Трамп воведе царини на острови каде живеат само пингвини – неговиот министер објасни зошто!

Американскиот министер за трговија ја бранеше одлуката на САД да воведат царини на група ненаселени острови каде живеат само пингвини и фоки. Станува збор за австралиска територија во јужниот дел на Индискиот Океан, околу две третини од патот од Мадагаскар до Антарктикот.

Тарифите на островите Херд и Мекдоналд беа воведени, рече Хауард Лутник за CBS, за да се „затворат апсурдните дупки во системот“ и да се спречат другите земји да испраќаат стоки преку островите за да стигнат до САД.

Инаку, островите се едно од најоддалечените места на земјата и немаат постојани жители, но на нив живеат голем број пингвини, фоки и морски птици. Според податоците на Светската банка, Европската унија веќе применува царини на овие острови.

Австралија: Очигледна грешка поради избрзаниот тарифен процес

Австралиските власти минатата недела беа изненадени кога открија дека царините биле воведени и на оваа територија. Австралискиот министер за трговија Дон Фарел изјави за ABC дека тоа е „јасна грешка“ и дека сè укажува на „избрзан процес на воведување тарифи“.

Но, на прашањето зошто австралиската територија е вклучена во тарифната листа на Трамп, Лутник рече: „Ако оставите нешто од списокот, земјите кои се обидуваат да го искористат системот преку тие територии ги користат како кратенки до нас. Претседателот го знае тоа, тој е уморен од тоа и тој е решен да го спречи тоа“.

Според податоците на Светска банка, овие острови во последните години извезувале мали количества производи во САД. Но, во 2022 година, САД од оваа територија увезе стока во вредност од 1,4 милиони долари, речиси исклучиво во категоријата „машина и електрична опрема“, без прецизни спецификации.

На списокот на Трамп се најде и британската територија на Индискиот Океан, која е населена исклучиво со воен персонал и потребна е дозвола за посета. Според податоците на Светска банка, на таа територија во 2022 година во САД се извезени стоки во вредност од 414.350 долари.

 

Не мора да е бесмислен потег

Иако овој потег на прв поглед изгледа апсурден, наметнувањето царини на ненаселена територија не е нужно бесмислено од правен, политички или економски аспект.

Тарифите често се воведуваат автоматски врз основа на класификацијата на земја или царински регион, без разлика дали има физичко население или активна трговија. Доколку САД воведат универзални царини на сите странски територии, тогаш се избегнува исклучувањето на помалите субјекти. Иако територијата нема жители, таа е управувана од Австралија, а самата територија има ексклузивна економска зона (ЕЕЗ).

Дополнително, регионите без царински бариери можат да станат упориште за офшор производство во иднина. Една компанија може да регистрира складиште и од таму „технички“ да извезува стока за да избегне царина од Австралија или Азија (.)

Back to top button
Close