Трендафилов објави оти бил на координација со Петрушевски, но тој не дошол

Откако вчера најави дека денеска ќе оди на координација со пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, објави фотографија од пред зградата за законодавниот дом, но на неа е сам.

„12 часот, како што му ветив, јас на координација кај Бране, а Бране го немаше“,напиша Трендафилов во опис на фотографијата објавена на неговиот фејсбук-профил.

 

За тоа дека денеска ќе оди во Собранието, Трендафилов информира на вчерашната прес-конференција во ССМ.

Тој вчера ги повика колегите од другите синдикати да кажат дали се за тоа платите во Македонија да растат како до сега по еден, два, три или пет проценти или се за „да се избориме за 12,6 отсто зголемување на платите на сите вработени во јавниот сектор, како и дополнително зголемување на минималната плата за 6 000 денари“.

Понатаму Трендафилов рече дека денеска ќе оди на координација кај пратеникот Бране Петрушевски кој изминатите денови на прес-конференции обвинуваше дека барањата на синдикатот се нереални и политички и оти ССМ е координиран од опозициската СДСМ.

„Доколку кажат дека ова е политичко барање утре во 12 часот, колегата Бране, кој седум дена излегува на телевизија, нека ме чека во парламентот ќе дојдам да се координирам со него да ја зголемат минималната плата на 550 евра. Никој до сега не кажал 550 евра, да не биде дека сме се координирале со некој друг. Ќе им дадеме безрезервна поддршка да ја зголемат минималната плата како политичка партија на 550 евра и тоа да биде различно од нешто што сме барале ние или барал некој друг политички субјект во државата“,рече вчера Трендафилов.

Во спротивно, додаде тој, Бране Петрушевски ќе биде првиот пратеник на кој Сојузот на синдикатите ќе му побара оставка поради тоа што зема плата од работниците во Македонија.

„Не ги избиравме, не ги плаќаме да работат спротивно на интересите на работниците“,рече Трендафилов.

Трендафилов вчера рече дека ако не најдат заеднички јазик со Владата за раст на минималецот и за обврските од Колективниот договор за јавниот сектор, големи се шансите да се повтори ланското сценарио и на 2 и 7 април работниците да излезат на улица.

Тој ги осуди политичките нападите врз ССМ посочувајќи дека нема да дозволат работничката класа да се става во подредена положба.

Back to top button
Close