Три балтички земји упатија протестна нота до Москва поради руските потерници за нивните официјални претставници

Естонија, Летонија и Литванија денеска упатија дипломатска протестна нота до официјална Москва поради тоа што руската полиција издала потерници за водечки балтички политичари поради уништување споменици од ерата на Советскиот Сојуз.

Трите балтички држави некогаш беа дел од Советскиот Сојуз, но сега се членки на Европската унија и НАТО, а од руската инвазија на Украина тие се сојузници на официјален Киев и се решителни во критиките кон Руската Федерација.

„Овие руски одлуки се спротивни на општо признатите норми на меѓународното право и се одраз на напорите да се фалсификува минатото и да се покаже непочитување на историското сеќавање на Литванија. Бараме литванските политичари да бидат отстранети од потерницата“, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Литванија.

На руските потерници, меѓу другите се, естонската премиерка Каја Калас и државниот секретар Таимар Петеркоп, литванскиот министер за култура Симонас Каирис и околу 60 други сегашни и поранешни членови на латвискиот Парламент, потврдија руските власти, наведувајќи дека официјални лица од балтичките земји се обвинети за „уништување на споменици подигнати во чест на советските војници“, што е кривично дело за кое руското кривично законодавство пропишува затворска казна од пет години.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека „ова е само почеток“.

„Злосторствата против сеќавањето на ослободителите од нацизмот и фашизмот мора да бидат процесуирани“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

Back to top button
Close