Тридневна жалост во Мароко по разорниот земјотрес
Мароко прогласи тридневна национална жалост по разорниот земјотрес во кој загинаа повеќе од илјада луѓе.
Националните знамиња ќе бидат на половина копје во текот на целиот период на жалост, се вели во соопштението на кралската палата, еден ден по земјотресот со јачина од 6,8 степени според Рихтер, пренесе Ројтерс.
Вооружените сили ќе распоредат спасувачки тимови за да обезбедат вода за пиење, храна, шатори и ќебиња во погодените области, се вели во соопштението.
Бројот на загинатите во разорниот земјотрес што го погоди Мароко достигна 1.037, а најмалку 672 лица се повредени.
Најголем дел од штетите и жртвите се во тешко достапни планински области, а повредените се пренесени во болници на лекување, пренесе АП.
Земјотресот се случи во мароканскиот планински венец Висок Атлас во петокот нешто по 23 часот по локално време, на релативно мала длабочина од 18,5 километри, со епицентар на 72 километри југозападно од Маракеш.