Трите столба на културата

Не знам зошто овој (повторен) фрапантно гласен молк во културата упорно ме запрепастува, дури и по првиот прес на новата министерка и нејзината објава на некои елементи на „новата“ културна политика. Како да се’ што говори, дури порачува власта односно одговорните за културата во државава тангира некој друг а не – културата. Никој бре ни да зуцне, два збора да каже, или ајде нека е барем еден – добро, лошо, ветува, не ветува… – како да сето ова што го говори министерката (ќе) се случува некаде таму, далеку од нас, а ние ќе си тераме по старо? Или, во случајов, јас сум тој што си прави филмчиња и мисли дека со секој нов ден, со секој нов збор/чекор во културата нештата треба рапидно и видливо да се менуваат, ама културата, оваа македонскава, точно си знае дека кај нас нештата се тешко поместливи, дека кај нас со децении, ако не и векови, важи онаа „кучињата лаат, караванот минува“… ? Не знам, веројатно се во право. Па и оние еден-двајца кои се огласија, на пример нашиот „национален“ режисер, се толку ограничени во нивните „мислења“ – спомнатиов се фатил за онаа фамозна Агенција за филм како да животот му зависи од неа, а веројатно и му зависи, зашто кој друг ќе му даде тооолку пари за неговите акробации? – што од нив нема никаква практична полза. А треба да има, та нели с(м)е интелектуалци (како што вели и Вангелов, повикувајќи ги да гукнат за „бугарскиот проблем“ ама овие спијат!), нели ги допира барем на некој начин ова што се случува околу нив, а особено, на пример, крокито на новата културна политика?!

Зашто најавата на министерката беше баш кроки, посочување на главните столбови – сепак само три – на нејзиниот ангажман во мандатниот период. Велам само три бидејќи тоа е „нестабилен“ број, куќа не стои на три столба, па ни столче, освен триножец ама токму тој е најнесигурен. Меѓутоа, спомнувањето на мандатното писмо добиено од самиот премиер, каде тој лично им дели задачи на новите министри (како некаква новост во македонската политика) донекаде го оправдува нејзиниот избор. Зашто, премиерот е сепак шефот, нели? Иако, ако е дозволено, јас би рекол дека е обратно: за културата министерката е шефот и таа де факто треба да му испрати на премиерот мандатно писмо! Зошто? Затоа што таа е избрана да ги реши проблемите во културата, таа (се претпоставува) дека е стручна (а не премиерот) за ресорот и треба да има готов акциски план за разрешување на состојбите, па следствено, после, да речеме, некои два-триесет дена (ако не пред изборот!) да го извести премиерот што и како ќе се случува во културата во нивниот (ај да речам заеднички) мандат. Вака, работите како да се поставени наглава. Или, некој ќе праша: а според кои тогаш критериуми премиерот ја избра токму оваа министерка, ако дури сега и’ дава насоки односно и’ дели задачи? И кој впрочем го напишал тоа мандатно писмо? Баш премиерот, или некој од неговите советници, или неговите стручни служби, или некој од партијата… ? Следствено, нели тој што го напишал – кој и да е’, но очигледно е дека го сметаат за стручен – како впрочем и сите други писма што беа поделени по ресорите, треба(л) да биде министер?

Како и да е’, почитувајќи го повикот на новата министерка за култура дека сечиј придонес е важен – што, впрочем, беше и повик на премиерот Заев – за вклучување во разрешувањето на напластените проблеми во културата, иако и досега давав придонес, еве неколку збора околу столбовите. Иако, повторно, бројот три ми е прилично нестабилен!

Првиот столб е, децидно наведено, заштитата на културното наследство. Ок, беше и досега, на сите влади во изминативе три децении. А културното наследство упорно пропаѓа! Што ќе рече: тој столб е прилично климав. Затоа, заштитата – да, ама што во заштитата? Што ќе биде сега приоритет ако сите досегашни заложби не дале соодветен резултат? И да, точно е дека заштитата на културното наследство е едно од клучните барања и на ЕУ! Ама тоа е и Охрид, вклучувајќи го и мониторингот на УНЕСКО! Оттука, Курбиново е’ можеби меѓу приоритетите, ама Охрид? Што ќе се случува таму, знае ли некој? Точно е дека токму оваа министерка беше иницијатор за собраниската надзорна расправа за Охрид и охридскиот регион во Комисијата за култура. И таа расправа донесе 22 заклучоци. Ќе се почитуваат ли, или и сега ќе останат мртво слово на хартија?

Вториот столб е ЕУ, секако, односно македонските евроинтеграции. И тоа е супер столб, иако и тој климав до зла бога зашто со такво Министерство за култура тешко дека ќе стигнеме и до Хрватска, а камоли до ЕУ. Сакам да кажам: овој столб мора да се зајакне, неколкукратно да се армира за да може да ги издржи сите потреси што го чекаат на тој пат. Вака како што е сега – на ова трусно подрачје тој прв ќе колабира!

Третиот столб е најинтересен, никнат којзнае од каде: креативноста на младите!(?). Да, го има во сите документи за културните политики на ЕУ државите ама, да не заборавиме: нивните култури се цврсто втемелени во базичните културни политики, нештата таму функционираат речиси беспрекорно, така што свртувањето кон младите е логичен став. А имаат и млади, нели, а ние? Имаме? Дури и во културата? Каде, колку… и што тоа важно прават па им треба таква базична поддршка, дури и низ мандатно писмо на премиерот? А старите (парафразирам, секако), ќе ги оставиме на буништето на културата? Нивниот минат труд, нивниот креативен придонес веќе не ни треба? А од кого (ќе) учат младите, или тие се’ знаат? Интересен столб, во секој случај.

Но, иако неспомнат како важен столб, она што остава впечаток е инсистирањето на министерката на (конечно!) воведување и на столбчето викано – одговорност. И тука таа беше децидна: „Голема чест но и уште поголема одговорност е да се биде министер за култура. Говорам за одговорност и секогаш ќе говорам за одговорност зашто културата е единствено нешто по што оваа држава е препознатлива во светот“. Не знам дали ова столбче го има во писмото на премиерот, мислам не. А требало, иако министерката беше доволно јасна и гласна и за него! Тоа влева надеж и чувство на сигурност, тоа впрочем е веројатно и главниот столб што може да ја одржи исправена оваа културна куќа. Тоа, едновремено, е и најдобриот ЕУ ориентир – за оние кои сакаат да го видат!

Златко Теодосиевски

Back to top button
Close