Туск предлага ЕУ да формира „Европска банка за вооружување“

 

 Полскиот премиер Доналд Туск денеска во Парламентот изјави дека им предложил на европските сојузници Европската унија да формира „Европска банка за вооружување“ која би работела како Европската инвестициска банка, но средствата би биле инвестирани исклучиво во одбраната.

„Денес е премногу рано да се каже дека овој предлог наиде на согласност од другите, но тие имаат за што да размислуваат“, рече Туск.

Идејата во Европската унија со инвестиции во одбраната да се занимава посебна банка Туск вчера ја претстави на Самитот на ЕУ по повод предлогот Европската инвестициска банка во иднина да одобрува поволни кредити со мали камати за вооружување, но претседателот на полската Влада смета дека тоа нема да биде доволно.

„Полска побара фискалните правила да бидат многу пофлексибилни. Кога ќе ги инвестираме нашите пари во одбраната овде во Полска, тие нема да се вбројат во буџетскиот дефицит за потребите на европската процедура против прекумерниот дефицит“, рече Туск, додавајќи дека ако е неопходно Полска да земе средства од кохезионите фондови за одбрана, таа тоа ќе го стори.

„Денес, секој одговорен политичар во Полска и во Европа мора да ги стави картите на вооружена Европа, свесна за нејзината сила, самоуверена, солидарна, взаемно лојална, бидејќи тоа е патот да се избегне катастрофата, а не таа да се забрза. Задачата на Полска е да го избегне историското сценарио дека таа секогаш е некое предворје. Не сакам Полска да биде предворје за било што, сакам да биде бастион“, рече Туск.

Тој денеска најави и повлекување на Полска од меѓународните конвенции од Отава и Даблин со кои се забрануваат противпешадиски мини и касетни бомби.

Back to top button
Close