Уапсен германскиот Рамбо: Повеќе од 2.400 полицајци го барале 5 дена во шума

 

Германската полиција го уапсила осомничениот за разоружување на четворица полицајци, познат по прекарот Рамбо, по пет дена потрага на Шварцвалд.

Ив Рауш во неделата побегнал во шума во близина на градот Опенау, на југозападот на Германија, откако разоружал четворица полицајци.

Во потрагата по него учествувала елитна единица, хеликоптери и кучиња трагачи, а користени биле и термички детектори.

Повеќе од 2.430 полицајци учествувале во операцијата, наведува полицијата.

Осомничениот бил пронајден како се крие во грмушки, а пред него имало четири пиштоли и секира, им рекол на новинарите заменик шефот на регионалната полиција.

Како што навел, Рауш бил полесно повреден во операцијата, а и еден полицаец се здобил со повреди од секирата.

Полицијата првобитно била повикана во неделата поради сомнителен маж кој, како што е наведено, се шета околу колиба во шумата во близина на Опенау.

Полицајците го пронашле Рауш во колибата и рекле дека првобитно делувал како да сака да соработува, но одненадеж извлекол пиштол и разоружил четворица полицајци.

Медиумите го нарекле Рамбо по фиктивниот лик од американските филмови, воен ветеран од Виетнам, кој бега од американската полиција.

Полицијата наведува дека тој живеел веќе некое време во областа Опенау и дека се верува дека добро ја познава шумата.

Неговата мајка рекла дека е исфрлен од станот кој го изнајмувал минатата година.

Back to top button
Close