Уапсен поранешниот бразилски претседател

Поранешниот бразилски претседател Фернандо Колор де Мело беше уапсен денеска во Масеио, откако судијата на Врховниот суд ја одби неговата жалба против претходната пресуда и му нареди да започне со издржување на затворската казна.

Адвокатот на Колор, Марсело Беса, изјави дека тој бил уапсен рано утринава додека патувал за Бразилија, каде планирал да се предаде по одлуката на судијата на Врховниот суд, Александре де Мораес да го уапси. Поранешниот претседател е притворен во Масеио, главниот град на државата Алагоас, изјави неговиот адвокат.

Колор, првиот бразилски претседател избран по крајот на последната диктатура во Бразил во 1985 година, во 2023 година беше осуден на осум години и 10 месеци затвор за корупција и перење пари. Тој беше обвинет дека примил 30 милиони реали (4,65 милиони евра) поткуп од тогашната подружница на државната нафтена компанија Петробрас.

Колор ја презеде функцијата претседател во 1990 година, но не го заврши својот мандат бидејќи Конгресот го отповика две години подоцна како дел од уште еден корупциски скандал. Врховниот суд го ослободи од обвиненијата во тој случај во 1994 година.

Тој потоа беше избран за сенатор на државата Алагоас. Тој го напушти Конгресот на почетокот на 2023 година по неуспешен обид да стане гувернер на Алагоас.

Back to top button
Close