Училиштето „Никола Карев“ се прости од своите ученици: „Тешко е да се поверува дека нивните животи згаснаа прерано“

По трагичната сообраќајна несреќа што се случи на скопската обиколница, во која животите ги загубија оперскиот баритон Ристе Велков, неговиот син Адам Велков, како и двајцата 20-годишници Марко Ѓирѓиевски и Петар Миланов, од СУГС „Никола Карев“ се простија од своите поранешни ученици со трогателна порака на социјалните мрежи.

„Со огромна тага и неверување ја примивме веста за сообраќајната несреќа во која ги загубивме нашите поранешни ученици, Марко, Петар и Адам, матуранти во генерацијата 2020–2024 година, момчиња познати по насмевките, шармот и другарувањата со сите. Срцето на Карев денес плаче“, стои во објавата.

Од училиштето наведуваат дека е тешко да се поверува дека младите животи, кои до неодамна чекореле низ училишните ходници, седеле во училишните клупи и сонувале за иднината, згаснале прерано.

Во пораката упатија и искрено сочувство до семејствата и најблиските на трагично загинатите.

„Изразуваме најискрено и длабоко сочувство до семејствата и најблиските. Нека почиваат во мир“, порачуваат од училиштето.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close