Украина и Русија разменија заробеници

Украинските и руските сили ја организираа третата размена на заробеници, откако руските сили ја нападнаа Украина на 24 февруари, соопштија властите на двете земји.

Потпретседателката на украинската Влада, Ирина Верешчук, за украинските медиуми изјавила дека се ослободени 26 Украинци – 12 војници и 14 цивили.

– По налог на претседателот Володимир Зеленски денеска е завршена третата размена на заробеници. Дванаесет наши војници се враќат дома. Исто така овозможивме ослободување на 14 цивили, меѓу кои и девет жени, што значи вкупно 26 лица – напишала Верешчук на Телеграм.

Руската комесарка за човекови права Татјана Москалкова информирала дека двете земји дозволиле возачите на камиони кои останале заробени во една од овие две земји да се вратат дома.

Според агенцијата ТАСС, Москалкова исто така додала дека е дозволено 32 Руси и 20 Украинци да се вратат дома.

Back to top button
Close