Украинците напредуваат во јужниот дел на земјата, наведуваат западните медиуми

Не треба да се паничи иако руските сили мораа да се повлечат пред украинската контраофанзива во областа Херсон, соопштија денеска руските окупациски власти во јужниот дел на Украина.

Од почетокот на септември, украинските сили им нанесоа болни порази на Русите на североисточниот и источниот дел од земјата, пишуваат дел од светските медиуми.

Лидерот на руските окупациски власти во Херсон, Владимир Салдо прв призна дека се случил украински „пробив” – Русите го изгубиле селото Дудчани. Потоа, тој уверуваше оти руската авијација го „запрела” украинското напредување во разговор објавен денеска на Телеграм.

– Запрен е напредокот на украинските нацисти во подрачјето на Дудчани … не треба да се паничи, изјави подоцна еден од неговите помошници, Кирил Стемушов, во видео порака објавена на Телеграм.

Тој од Херсон наведе оти „се слушаат експлозии оддалеку, но, не толку често”.

На Телеграм поединци тврдат дека Украинците напредуваат во областите на Арханхелск и Дудчани со цел „да го прекинат снабдувањето на руските сили што се наоѓа на десниот брег на Дњепар”.

Според западните и украинските проценки, таму би можело да бидат стационирани околу 20.000 војници.

Изминатите недели, украинските сили се фокусираа на нападите на руските позиции и складишта на десниот брег на Дњепар и на мостовите на реката, за да ги запрат руските линии за снабдување.

Официјално, Киев се нема огласено за напредокот во јужниот дел од земјата.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето обраќање до јавноста синоќа кажа само дека „ослободени се нови населби во повеќе региони”.

– Сè повеќе окупатори настојуваат да побегнат, на непријателската војска ѝ се нанесува сè поголема загуба, додаде Зеленски.

Покрај тоа, деновиве на интернет се појавија повеќе видеа каде се гледаат украински војници како го подигнуваат украинското знаме во села на северниот дел од регионот Херсон. 

Back to top button
Close