Украинската армија тврди дека нападнала нафтено складиште на Крим

Украинската армија соопшти дека денеска нападнала голем нафтен терминал на Крим, кој обезбедува гориво за руската армија, откако украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека војната влегла во клучна фаза.

Двете страни се соочуваат со прашањето како економски да го издржат конфликтот што започна со руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Украинскиот Генералштаб на социјалните мрежи соопшти дека нафтениот терминал во Феодосија на јужниот брег на Крим, кој е окупиран од Русија, обезбедува гориво за руската армија и дека нападот е дел од обидите за „поткопување на воените и економските потенцијали на Русија“.

Руските власти во Феодосија пријавија пожар на терминалот, но не го наведоа причинителот.

Украина сè повеќе цели на клучни руски позиции, користејќи дронови со долг дострел.

Целта на Украина е да ја отежне поддршката на руските единици на фронтот, особено во источниот регион Доњецк.

Киев сè уште чека одлука од Западот за барањето да користи оружје со долг дострел за напад врз цели на руска територија.

Оваа одлука може да биде донесена следниот викенд во воздухопловната база Рамштајн во Германија, каде ќе се состанат министрите за одбрана на повеќе од 50 земји кои ја координираат воената помош за Украина.

Зеленски вчера изјави дека војната е во „многу важна фаза“, бидејќи украинската армија напорно работи да ги задржи руските сили на истокот, додека истовремено држи позиции во руската погранична област Курск, која беше освоена пред два месеци.

– Треба да извршиме притисок врз Русија за да сфати дека војната нема да ѝ донесе ништо, рече Зеленски. – Ќе продолжиме да вршиме уште поголем притисок врз Русија, бидејќи само со сила можеме да го приближиме мирот, додаде тој.

Во меѓувреме, Русија испука шест ракети и 74 дронови врз Украина во текот на ноќта, соопштија украинските воздухопловни сили.

Вршителот на должност шеф на Одделот за комуникации на Украинските воздухопловни сили, Јуриј Игнат, рече дека две хиперсонични ракети „Кинжал“ биле соборени над регионот Киев кои биле насочени кон главниот град.

Back to top button
Close