Украинските власти тврдат дека не добиле официјален предлог за примирје за 9 мај

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха денеска изјави дека Киев не добил никаков официјален предлог за прекин на огнот на 9 мај, кој во Русија се одбележува како Ден на победата во Втората светска војна.
Сибиха пред новинарите оцени дека тоа е уште една „манипулација“ на Русија, чии власти претходно пренесоа дека предложиле прекин на огнот на 9 мај.
– Тоа е уште еден обид на Русите да ги смират Американците, да покажат дека наводно имаат конструктивен дух. Украинскиот претседател Володимир Зеленски јасно стави до знаење дека до денес украинската страна не добила никаков предлог од Русите – додаде Сибиха.
Шефот на украинската дипломатија повтори дека неговата земја е посветена на мировните напори и оти повеќепати изразувала подготвеност за безусловен прекин на огнот.
– И сите тие наводни прекини на огнот, кои не ги почитуваат ниту самите Руси кои ги иницираа, претставуваат груб дипломатски маневар. Тоа е публицитет насочен кон домашната јавност – додаде украинскиот министер.






