Унгарската претседателка му се спротивстави на Орбан и стави вето на хомофобен закон

Претседателката на Унгарија, Каталин Новак, го отфрли законот со кој се ограничуваат правата на хомосексуалците и трансродовите лица велејќи дека ваквото законодавство ја ослабува заштитата на основните вредности и може да послужи за зголемување на недовербата меѓу членовите на заедницата

Законот, кој претходно овој месец беше одобрен во унгарскиот парламент, меѓу другото, предвидува граѓаните анонимно да пријавуваат истополови парови кои заедно чуваат деца.

Одредбите од законот им овозможуваат на граѓаните да поднесуваат анонимни пријави за оние сограѓани кои ја доведуваат во прашање „уставно признатата улога на бракот и семејството“ или детските права „на идентитет соодветен на нивниот пол при раѓање“.

Ваквите законски одредби, според унгарската претседателка, не се во согласност со директивите на ЕУ.

Ова е првпат за време на раководството на Орбан шефот на државата да се спротивстави на закон кој е многу важен за него. Новак, како и нејзините претходници од 2010 година, исто така е член на владејачката партија.

И покрај ветото на законот, парламентот на Унгарија, сепак, може да го отфрли со просто мнозинство.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги ограничува правата на ЛГБТ-лицата повеќе од една деценија. Една година откако дојде на власт, во 2010 година, неговата партија донесе уставна одредба со која се забрануваат истополови бракови. Документот подоцна беше изменет за да им се забрани на истополовите парови да посвојуваат деца.

Back to top button
Close