Унгарски медиум: Оставката на Заев отвора можност за враќање на Груевски

Унгарскиот опозициски портал 24.ху објави анализа за актуелната политичка ситуација во Македонија, во која вели дека во земјава би можел да се случи политичкиот пресврт „по победата на десничарската популистичка опозиција, која со години е поддржана од медиумски компании блиски до Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан“.

Во анализата, порталот наведува дека победата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, исто така, може да ја подобри ситуацијата на поранешниот македонски премиер Никола Груевски.

„Така, кај Груевски, кој моментално има специјален третман на ‘ВИП-бегалец’ во Будимпешта, а неодамна основа и компанија во Пецел, може дури и да блесне надежта за враќање“,пишува 24.ху и вели дека сега Христијан Мицкоски, по победата на локалните избори, бара итни предвремени парламентарни избори.

Новинарот на унгарскиот медиум потсетува дека оставката на Зоран Заев како премиер и лидер на СДСМ следува по претходно даденото ветување дека доколку загуби на изборите за градоначалник во главниот град ќе поднесе оставка. На крајот, додава порталот, партијата на Заев, која ја води земјата во сојуз со помалите либерални и албански етнички партии, не само што не ја  доби градоначалничката функција во Скопје, туку нејзините кандидати изгубија во четвртина од другите градови.

„И покрај неговата оставка, едно нешто Заев сигурно не сака: парламентарни избори. Причината е едноставна. На партијата на Груевски сега ѝ оди многу добро и веројатно ќе се обиде да ја забави (веројатно не би се осмелила да ја попречи) евроатлантската интеграција на земјата, за која Заев  се бори од доаѓањето на власт во 2017 година“,

пишува 24.ху.

На крајот од текстот порталот во својата анализа вели дека бегалскиот статус на Груевски во скоро време би требало да биде продолжен од унгарските имиграциски власти. Доколку ова не му успее на Груевски, пишува 24.ху, се сугерираше дека поранешниот македонски премиер може да замине во Москва или Турција.

„Сепак, Груевски засега тешко дека размислува да се пресели од Будимпешта, поверојатно е дека размислува за негово враќање во татковината. Дали ќе успее, знаат само македонските политичари. Токму сега во малите партии се очите на светот: ќе ги изберат социјалдемократите на Заев или Груевски? – ова е главното прашање сега во Северна Македонија“,

се вели во текстот на 24.ху.

 

Back to top button
Close