Урсула фон дер Лајен со студен туш за украинските евроинтеграции

Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, во средата истури ладна вода врз надежите дека ќе се постигне значителен напредок во пристапниот процес  на Украина во ЕУ пред европските избори во јуни.

Следниот чекор од пристапувањето на Украина е таканаречената преговарачка рамка, која ги поставува насоките и основните принципи за пристапните преговори. Фон дер Лајен се очекуваше да ја престави преговарачката рамка во текот на март.
Па сепак таа вчера на прес-конференција рече дека „сè уште се работи на преговарачката рамка. Мојата претпоставка е дека рамката нема да биде подготвена пред европските избори, затоа што тоа не го дозволуваат актуелните разлики во  различните преговарачки позиции така што мислам дека  ова ќе потрае – но претпоставувам дека во текот на летото  ќе бидеме подготвени.”
Европските дипломати и официјални претставници, како и владата на Украина, рекоа дека се изненадени од забелешките на Фон дер Лајен.
Очекувањата беа дека Комисијата наскоро ќе ја испрати преговарачката рамка до земјите на ЕУ, кои потоа ќе разговараат и ќе одлучат дали да започнат со пристапните преговори.
Надежта од украинските и како и од многу претставници на ЕУ беше да се преземат овие чекори порано, за да се избегнат тие дискусии за време на унгарското претседателство со Советот на ЕУ во втората половина од годината. Познато е дека Орбан не е приврзаник на украинската интеграција во ЕУ.
Зборувајќи за причините за ваквата одлука на претседателката на ЕК  дипломатите и официјалните лица рекоа дека неколку земји на ЕУ се нервозни поради дебатата за пристапот на Украина непосредно пред изборите особено поради револтот на земјоделци во Европа која очигледно влијае врз оваа одлука.
Како реакција на ова изјава на Фон дер Лајен украинскиот амбасадор во ЕУ,  Всеволод Ченцов, рече дека Украина е на пат за пристапување и дека Киев очекува Комисијата да се држи до „распоредот што го предложија и кој беше прифатен од Советот“, додавајќи „Не ги гледам причините зошто би било тешко“.
Ченцов истакна дека доколку Комисијата се соочи со какви било проблеми, „ние сме подготвени да разговараме и да видиме како тие да се надминат“.
Борјан Јовановски

Back to top button
Close