Уставна церебрална парализа
Ви пренесуваме дел од колумната на Сашо Орданоски за Цивил Медиа:
Во вкупната предизборна какофонија, чиј обид за подетално следење може да предизвика церебрална парализа со хронично заболување на централниот цревен систем, една тема поминува речиси незабележано, иако конституира голем политички предизвик, да не кажам закана, по идната стабилност на македонската држава. Тоа е програмската заложба на ВМРО-ДПМНЕ за редефинирање на Уставот и наново уставно „уредување на меѓуетничките односи според принципот на единствена македонска нација“.
За тоа во повеќе детали зборуваше и Христијан Мицкоски во интервјуто кај колегата Васко Попетрески на ТВ Алсат-М во кое образложи дека тоа би подразбирало, низ концептот за „нова политичка македонска нација“, „доуредување на правата на етничките малцинства“ во државава, што би придонело и етничките Македонци, според Мицкоски, да престанат да се чувствуваат како „граѓани од втор ред“, бидејќи „Македонците имаат една држава, оваа, каде што живееме“. Дополнително што таквото редефинирање на Уставот „не ги деноминира правата на помалите етнички заедници“. Тој смета дека со тоа ќе се „унапреди“ и Охридски рамковен договор.
„Суштината – вели Мицкоски – е да се формира едно тело во коешто ќе членуваат експерти… кои ќе отворат дебата… не постои тука никаква дилема, да разговараме, да видиме дали постои и дали има можност и простор да седнеме да разговараме, да видиме, да се издигнеме над ситуацијата и да направиме нешто што ќе биде подобро од ова што е сега.“ И додава дека „не ни текнало ова затоа што сакаме националистички да звучиме, (туку) сме разговарале со најмалку тројца професори по уставно право – Сиљановска, Климовски и Каракамишева – и сме детектирале недостатоци… И зошто тие недостатоци да продолжат да бидат дел од ова политичко мочуриште кога можеме разумно тие недостатоци, да видиме, да ги исправиме?“
Ете, такааааа… Значи, доколку сегашната опозиција ја предводи следната македонска влада, ќе се отвора Уставот, но не („посекако“, што би рекле прилепчани) за да се поништат последиците од Преспанскиот договор во него – тоа, според некои блесави изјави на разни поголеми и помали претставници на опозицијата, ќе се направи со укинувачка одлука на владата, како да е комунална такса во прашање – туку за ревизија на сегашната уставна поставеност на македонскиот политички систем.
Целата колумна на Цивил Медиа на следниот линк.