Важен напредок: Откриена внатрешноста на свиток стар 2.000 години, од античкиот град Херкулан

Херкулан е антички град што го уништила ерупцијата на вулканот Везув во 79-та година. Речиси 2.000 години светот се соочува со мистерија – содржината на стотици свитоци од градот кои не можат физички да се отворат, а кои случајно, ја преживеале ерупцијата.

Но, со помош на напредна рентгенска технологија, од 2023 година до сега, се прават мали, но важни откритија за материјалот на свитоците и нивната содржина.

Фото: Vesuvius challenge

На 5 февруари, со помош на Оксфордскиот универзитет, успешно се генерираше првата слика од внатрешноста на еден од свитоците – PHerc. 172.

„Свитокот укажува дека најверојатно неговиот автор е нашиот омилен резидентен филозоф: Филодем. Има некои докази кои нè насочуваат во овој правец: формите на буквите присутни во оваа книга сугерираат дека е напишана некаде во првиот век пред нашата ера. Тие се и слични на ракописите пронајдени во други книги што му се припишуваат нему.

Поголемиот дел од досега пронајдените книги во библиотеката се негови, а зборот ἀδιάληπτος („глупав“) што се наоѓа во овој текст е карактеристичен за неговото пишување. Некои други зборови кои досега се лоцирани вклучуваат διατροπή (гадење), φοβ (страв) и βίου (живот)“, велат од иницијативата „Предизвик Везув“.

Приказната за свитоците од Херкулан

Иако градот Херкулан доживеал трагичен крај поради ерупцијата на Везув, свитоците преживеале, затрупани во огромна вила која некогаш припаѓала на таткото на Јулиј Цезар. Вилата била покриена од дваесет метри жешка кал и пепел, а топлината на вулканските остатоци ги карбонизирала свитоците. Тие седеле недопрени, под земја, сѐ до 1790 година кога при копањето дупка за бунар, еден италијански фармер го открил мермерниот под на палатата.

Фото: Pexels

При истражување на локацијата, се пронашле 1800 свитоци кои останале внатре повеќе од илјада години. За жал, голем број од нив биле уништени при првите обиди за нивното отворање. Еден монах, сепак, со години внимателно одвиткувал неколку свитоци и открил дека содржат текстови напишани на старогрчки јазик. По него, и други придонеле во бавното отплеткување на мистеријата.

Сепак, шестотини и повеќе останале неистражени бидејќи не можеле да се отворат. Нивната содржина би претставувала значително дополнување за класичните студии, филозофијата, книжевноста и многу други дисциплини.

Но, во 2015 година, со помош на нова рентгенска технологија, Брент Силс ја открива содржината на свитоци од Израел, без воопшто да ги отвори. Инспирирани од пронајдокот, научници ја започнуваат глобалната иницијатива „Предизвикот Везув“ во 2023 година.

Фото: EduceLab
Фото: Vesuvius challenge

Целта на предизвикот е да се открие содржината на свитоците од Херкулан без каква било физичка интервенција. Голем број научници низ светот се приклучија на иницијативата која е од отворен карактер и со парични награди. Секој да може да придонесе во декодирањето на содржината од свитоците, а повеќе информации може да се дознаат на официјалната веб-страница и на социјалните мрежи.

Филипа Сара Попова

Фото: EduceLab, Vesuvian challenge

 

Back to top button
Close