Вечер со тропски шмек на 21. Оффест

Третата вечер на OFFest (1-4 јуни), ќе ја одбележат три настани: проекција на документарниот филм “THE RUMBA KINGS” (20:00), потоа концертен настап на колумбиските тропски велемајстори LOS PIRAÑAS (22:00), како и ди-џеј сет на Mario Galeano попознат како FRENTE CUMBIERO (24:00). Целата програма ќе се одвива во МКЦ (Кино Фросина, Дансинг сала и Кафе МКЦ).

Документарниот филм “THE RUMBA KINGS” (2021) на режисерот Алан Брејн ја воспева епската потрага по конгоанската румба. Тоа е музиката што му помогна на Конго да се бори против колонијалното угнетување, да се ослободи и да создаде нов идентитет. Во 1950-тите, кога Демократска Република Конго беше белгиска колонија, цела една генерација тамошни музичари ги спои традиционалните африкански ритми со афро-кубанската музика, создавајќи го возбудливиот бит на конгоанската румба. Звук што ќе го доведе Конго до неговата независност и ќе го вооодушеви целиот африкански континент со својот заразен грув, хипнотизирачки гитари и пријатни вокали. Овој филм содржи музика од Franco Luambo & OK Jazz, Grand Kallé & African Jazz и Docteur Nico & African Fiesta Sukisa. “The Rumba Kings” не е само музичко патување, туку и емотивно искуство за тоа како музиката може да ги урне бариерите, да ги залечи раните и да донесе надеж.

LOS PIRAÑAS е инструментална супергрупа од Колумбија во која учествуваат три музички визионери од Богота: Еблис Алварез (Meridian Brothers, Chúpame el dedo), Марио Галеано (Frente Cumbiero, Ondatropica) и Педро Охеда (Romperayo, Sidestepper). Обединувајќи ги експерименталните можности на ритмите и звуците од Јужна Америка (кумбија, чампета, тропикалија, салса и други) со авант психо-рокот, даб минимализмот и „бодликавиот“ џез, Los Pirañas е ретро-футуризам од најдобар вид. Сите овие стилови тие ги комбинираат во рок манир, со бучни импровизации и апсурден музички хумор. Замисли го Captain Beefheart во егзотично расположение. Или можеби Карлос Сантана во млади години на LSD. Сосема лудо, но во исто време исклучително пријатно и погодно за танц и уживање. Интензивните европски турнеи им донесоа настап на некои од најголемите и најзначајните фестивали, како данскиот Roskilde (2016) каде што изместија толпа од 10.000 луѓе, португалскиот FMM во Синеш (2016), холандскиот Best Kept Secret (2018) и многу други.

Марио Галеано или FRENTE CUMBIERO е еден од клучните виновници за светската експлозија на колумбиската музичка сцена во последниве 10-тина години. Го памтиме по неговиот настап со веселиот ансамбл Ondatrópica на OFFest 2013, а особено по незаборавната диџеј забава што заедно со Quantic ја приредија тие денови во легендарната „Менада“. Годинава тој ни доаѓа во Скопје со тропските ретро-футуристи Los Pirañas, по чиј настап, ќе настапи и со свој полноќен бонус диџеј-сет со кој, на најубав можен начин, без најава во официјалната програма, ќе ја заокружи оваа возбудлива фестивалска вечер на 21. OFFest.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close